
Прибирањето податоци од јавни или отворени извори стана еден од методите кои се широко користени во денешната работа на новинарските агенции, детективските агенции, компаниите кои работат приватно разузнавање, но и органите на државната управа кои се занимаваат со безбедносно-разузнавачка работа. Овој метод на прибирање податоци е само еден дел од арсеналот на погоре споменатите ентитети, но слободно може да се каже дека е и еден од најекономичните и најмногу користени, и во кохезија со другите методи на прибирање податоци може да не однесе кон комплетирање на сликата за нашиот предмет на интерес.
Прибирањето податоци од отворени извори е процес што претставува предизвик и кој мора да биде добро усовршен со цел да се добијат кредибилни завршни информации и сознанија. Во исто време мораме да се погрижиме дека ќе се соберат доволно податоци за да се покријат сите аспекти на темата или темите што ќе бидат анализирани, но истовремено мораме и да одбегнеме пренатрупување со податоци или собирање на непотребни или несоодветни податоци. Со огромниот број информации што кружат и што се достапни на социјалните мрежи, во јавните бази на податоци и преку други отворени извори, клучно е да се поседуваат вештини и знаење потребни за пребарување, истражување и верификација на тие податоци, за да се искористат на прецизен и корисен начин.
Клучно за овој метод е лицата кои го користат да имаат познавања за постоењето, релевантноста, достапноста и веродостојноста на сите отворени извори што се одбрани за конкретна задача на собирање, како и познавањето на евентуалните правни ограничувања и барања за одобрување што се применуваат за користење на различните видови на извори на податоци. Познавањето на ограничувањата и можноста за пристап кон изворите се предуслови за делотворното собирање и анализа на податоците.
Новинарите, активистите за човекови права, детективите, приватните фирми за разузнавање и други лица постојано користат отворени податоци, кориснички содржини и други податоци од отворени извори во креирањето на извонредно значајни истражувања во сите области, од конфликтни зони до случаи на злоупотреби на човековите права, политичка и меѓународна корупција.
Информациите од отворени извори кои се слободно достапни за сите преку Интернет, на пример, преку Фејсбук, Инстаграм, Гугл мапс и преку други отворени јавни бази на податоци, овозможија секој да може да собира податоци и да врши проверки за други лица (на пример преку мрежите на социјалните медиуми). Изобилството информации од отворени извори достапни на Интернет и во базите на податоци значи дека денес секое можно истражување треба да вклучи и пребарување, собирање и верификација на податоци од отворени извори. Тоа стана неодвоиво од работата на култивирање на изворите, обезбедување податоци и други истражувачки тактики што се базираат врз скриени или помалку познати податоци. Новинарите, детективите, оперативците и други лица што ја развиваат и ја одржуваат способноста за правилно пребарување, откривање, анализа и верификација на одредени податоци, мора постојано да ги усовршуваат своите вештини, но и да се обучат за користење на различни софтвери кои се специјално дизајнирани за пребарување низ големи бази на податоци, за да ги најдат токму клучните податоци кои се потребни за одредено истражување.