• 31.07.2021 15:40

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Лавров: Русија е подготвена да ги прекине односите со Европската унија доколку Брисел воведе санкции

ByJane Jancheski

Feb 13, 2021

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија е подготвена на прекин на односите со Европската Унија. До прекин на односите со ЕУ би можело да дојде доколку Брисел воведе санкции ризични за чувствителните сфери на економијата, наведе Лавров.

„Нашата почетна точка е дека сме подготвени за тој чекор во случај да забележиме, како што можевме да видиме во неколку наврати порано, дека се подготвуваат санкции што ќе создадат ризик за нашата економија“, истакна Лавров.

Тој исто така рече дека Русија не сака да се изолира од светот, но дека е потребно да бидеме подготвени за најлошото можно сценарио.

„Ако сакате мир, подгответе се за војна“, рече Лавров.

Да потсетиме, високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, по посетата на Москва, изјави дека Европската унија и Русија се наоѓаат во историски пресврт во однос на меѓусебните односи. Борел откри дека во одредени моменти имал многу напнати разговори со рускиот шеф на дипломатијата и оцени дека состанокот и некои пораки од руски официјални лица покажале дека Европа и Русија се оддалечуваат.

„Изборот што ќе го направиме ќе ја одреди меѓународната динамика на силите во овој век: дали ЕУ ќе се придвижи кон покооперативен или поларизиран модел во односите со Русија, дали тој ќе се заснова на отворени или затворени општества“, рече Борел за време на неговиот извештај до Европскиот парламент во врска со неговата посета на Русија 4-6. февруари.

Германското Министерство за надворешни работи го оцени како загрижувачки коментарот на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој истакна дека Русија е подготвена да ги заостри односите со ЕУ доколку европскиот блок од 27 земји-членки воведе економски санкции.

– Овие изјави се навистина загрижувачки и неприфатливи, истакна портпаролка на германското МНР, а владиниот портпарол Штефен Зајберт додаде само дека се согласува со истото.

Портпаролката на германската дипломатија ги пренесе оценките на министерот Хајко Мас, кој не ја отфрли можноста за нови санкции, но истовремено нагласи дека е важно да се одржи дијалогот со Русија.

Лавров во интервју за Соловјев каналот на ЈуТјуб истакна дека не сака Русија да се изолира од светот, но оти се подготвени на прекин на односите со ЕУ.

– Веруваме дека сме поготвени. Ако уште еднаш видиме, како што досега видовме многу пати, да се воведат санкции во области кои и нанесуваат штета на нашата економија и во најчувствителните области, посочи Лавров. Тој додаде „ако сакате мир, подгответе се за војна“.

Односите меѓу Русија и Западот се влошија по апсењето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.