• 30.07.2021 14:55

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Либија е во хаос и десет години по Арапската пролет и падот на Гадафи

BySarissa Editor

Feb 14, 2021

Десет години откако со востание во Либија поддржано од НАТО беше соборен и убиен лидерот Моамер Гадафи, земјата и понатаму е окована од конфликти и хаос, а нејзините жители тонат во сиромаштија и покрај големото нафтено богатство, вели Франс прес.

Мировниот процес предводен од ООН предизвика претпазливa надеж дека кревкото примирје склучено во октомври може да донесе траен мир, но засега Либија е поделена на два ривалски табори, секој со своја милиција, платеници и странски поддржувачи.

Покрај тоа, анархијата ја претвори Либија во главен центар на Северна Африка за шверцување мигранти, од каде што десетици илјади луѓе тргнаа на опасно патување кон Европа.

Само ужасните извештаи за лошо постапување и тортура во мигрантските кампови управувани од милиции и откривањето масовни гробници на либиски цивили во песоците на неодамнешните борбени полиња може да се натпреваруваат со ужасите на големиот број давеници на Медитеранот.

„Десет години по револуцијата, Либија е поизобличена држава отколку што беше под Гадафи“, вели Емадидин Бади, аналитичар на невладината организација „Глобална иницијатива“ од Женева.

Десет години подоцна, јасно е дека востанијата на таканаречената Арапска пролет на Либија ѝ донесоа масакр, а не посакуваната слобода и напредок, судбина што може да се спореди само со страдањата во разорените од војна Сирија и Јемен.

„Ситуацијата е катастрофална за обичните граѓани поради постојаните конфликти и поделби“, рече Мазен Хејралах (43), кој живее и работи во Зауја, западно од либискиот главен град Триполи.

„Коронавирусната криза само ги влоши работите“, вели вработен во либиската енергетска компанија чие семејство е погодено од огромната инфлација и другите тешки последици од разурнатата економија.

„Со цени што продолжуваат да растат, повеќе не можеме да живееме достоинствено.“

Децении војна

Маџди, 36-годишен стоматолог, се присетува на „искрите“ на револуцијата што почна во Бенгази во источна Либија во февруари 2011 година, додека бранот демократски востанија што почнаа во Тунис брзо го зафатија регионот.

Дури тогаш „сфатив дека несвесно сме живееле во терор“, рече Маџди, кој не сакаше да биде објавено неговото презиме.

Либиското народно востание со воздушна поддршка на НАТО, предводено од САД, Велика Британија и Франција, заврши истата година со смртта на Гадафи. Тој беше фатен во одводен тунел во Сирт и убиен на самото место.

Крајот на неговата 42-годишна диктатура беше почеток на хаосот што го дестабилизира поширокиот регион преплавувајќи го со оружје и борци. Либија, со своите седум милиони жители, со години останува под контрола на десетици милиции лесни на чкрапец, кои по потреба ја менуваат лојалноста.

Џихадистите исто така го искористија безбедносниот вакуум и оркестрираа напади од своето упориште во Сирт, убивајќи голем број странски туристи во Тунис во 2015 и 2016 година.

Салима Јунис, разведена 57-годишна жена, која хонорарно работи како секретарка во училиште во Триполи, вели дека изминатата деценија ја поминала „обидувајќи се да преживее ден за ден, буквално избегнувајќи куршуми“.

Малата куќа што ја изградила трипати била оштетена во разни конфликти и бидејќи немала пари да ја обнови, на крај го продала земјиштето и се преселила во стан.

Вели дека пред 2011 година „пристојно заработувала работејќи повеќе од 20 години за странски нафтени компании, кои сите ја напуштиле земјата и повеќе не се вратиле“.

Ривалски бази на моќ

Либија сега е поделена меѓу два ривалски табори со седиште во две историски провинции, Триполитанија на запад и Киренаика на исток, центри на моќ многу пред создавањето на либиската држава во колонијалната ера.

Западот е управуван од Владата за национален договор (ГНА), основана во Триполи во 2016 година. Таа беше признаена од Обединетите нации, а воено е поддржана од Турција и Катар.

Истокот на земјата е контролиран од администрација прогласена од избраниот парламент, кој не ја признава ГНА и ужива поддршка од воениот моќник Калифа Хафтар. Поддржана е од ОАЕ, Египет и Русија.

Силите на Хафтар го држеа Триполи под опсада 14 месеци, но беа прегазени и принудени да се повлечат во почетокот на минатата година кога Турција значително ја засили поддршката за ГНА.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден повика на итно повлекување на руските, турските и другите странски сили од Либија според договорот за примирје.

Сепак, останаа околу 20.000 платеници и странски борци, прекршувајќи го рокот за повлекување на 23 јануари.

Напредок?

По повеќегодишна стагнација, последните месеци донесоа, според ООН, „опиплив напредок“ – меѓулибиски дијалог и бавно закрепнување на клучното производство на нафта.

Минатата недела либиските пратеници во Швајцарија се договорија за привремена нова извршна власт.

Но огромни предизвици стојат на патот на тој процес, кој би требало да доведе до одржување национални избори на 24 декември.

Додека ООН сакаат Либијците сами да одлучуваат за својата иднина, се чини дека ниедно решение не е изводливо без договор на странските сили што се приклучија во конфликтот со испраќање војници, беспилотни летала и петродолари.

„Ситуацијата се стабилизира на површината“, вели Бади во изјава пред објавата на новата извршна власт, предупредувајќи дека нема причина за преголем оптимизам во земјата што доживеа неуспех на неколку меѓународни мировни иницијативи.

Сегашниов дипломатски импулс, вели тој, „е само нус-производ на сегашната воздржаност од продолжување на војната, а не вистинска желба да се постигне политичко решение“.

Страдањето на народот

И додека либиското примирје создава впечаток на нормалност, жителите на Триполи сè уште немаат струја и гориво.

Сиромаштијата дополнително се продлабочи како резултат на влијанието на епидемијата на ковид-19 врз земјата со најголеми нафтени резерви во Африка, каде што сега јавниот здравствен систем се распаѓа.

Енергетскиот сектор учествува со околу 60 проценти во економското производство и некогаш обезбедуваше дарежлива социјална држава.

Но војната предизвика долготрајни затворања и голем дел од нафтената инфраструктура е оштетен или дотраен.

Минатата година вооружени групи лојални на Хафтар го блокираа производството и извозот од најважните либиски нафтени полиња и терминали, барајќи поправедна распределба на приходите, управувани од ГНА.

Хафтар во септември се согласи да ја укине блокадата, а до декември производството се искачи на 1,2 милиони барели на ден – десеткратно зголемување, но сепак под 1,5-те милиони барели од времето на Гадафи.

„Либија гледа напредок, но се соочува со големи политички предизвици“, рече Џалал Харшауи од Глобалната иницијатива.

„На строго техничко ниво, ако го погледнете бројот на убиени Либијци на дневна основа, тој значително опадна“, изјави тој за Франс прес.

Но додаде: „Дали е постигнат напредок на политичко ниво? Дали излеговме од проблемите? Дефинитивно не.“

„Многу работи може да се случат. Населението е крајно незадоволно… Елитите се прилично рамнодушни кон страдањата на луѓето“.

Маџди вели дека и покрај сè, не жали за востанието.

„И покрај тоа што земјата сè уште е длабоко во војна, насилство и хаос по 10 години, не жалам што ја поддржав револуцијата. Тоа беше потребно, сепак верувам во тоа“.