• 21.04.2021 19:01

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Македонската Филхармонија денес одбележува 76 години од формирањето

ByJane Jancheski

Nov 24, 2020

Оркестарот е формиран на 24 ноември во 1944 година, по завршувањето на Втората светска војна и само 11 дена по ослободувањето на Скопје. На ул. „Крушовска“ бр. 27, во домот на композиторот Тодор Скаловски, еден од стожерите на македонската музичка култура, се одржал првиот состанок на група музичари со цел да формираат симфониски оркестар, да го формираат првиот Државен оркестар, да ги стават темелите на една голема културна институција, прва од таков вид во ослободена Македонија. Создавањето на Филхармонија во едно такво време-невреме, е всушност револуција во духовната смисла на зборот. Револуција што ќе ја направат само неколкумина уметници кои наместо пушки, во рацете ќе држат музички инструменти со кои ќе „пукаат“ со чудесните звуци на најубавата уметност – музиката, погодувајќи ги нивните следбеници директно во срцето. Од тие скромни почетоци, па се до денес, во повеќе од седумдецениското постоење, Филхармонија остварила незаборавни концертни мигови исполнувајќи широк репертоар од светската класична музичка литература, како и светски премиери од современи автори, оживувајќи ги со особена гордост и делата на македонските музички творци. За време на неговото постоење, овој оркестар повеќе пати бил преименуван и приклучуван кон други институции (Национална опера и балет и Македонско радио), за во 1960 година конечно да се конституира како самостојна музичка институција. По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, Филхармонија под раководство на светски афирмираниот диригент Игор Маркевич, остварува европска турнеја која е од исклучително значење за солидарноста што му беше укажана на настраданиот град од страна на народите ширум Европа и светот.

Со текот на годините, Филхармонија на РМ прерасна во еден од главните носители на музичкиот живот во земјата и амбасадор на македонската уметност во светот. Покрај редовните концертни настапи на домашната сцена, симфонискиот оркестар има остварено гостувања ширум светот достојно презентирајќи го звучното наследство на својата земја.