• 25.06.2021 14:02

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Македонскиот јазик и култура 45 години се изучуваат на универзитетот „Ломоносов“ во Москва

Bysrs-editor

May 16, 2021

Македонскиот јазик, литература и култура веќе 45 години се изучуваат на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“ – јубилеј којшто е исклучително значаен за македонистиката. По овој повод, на 18 мај годинава, со почеток во 13 часот, преку платформата Зум ќе се одржи свечен настан.

Настанот ќе го отвори ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), проф. д-р Никола Јанкуловски, а свои пригодни обраќања ќе имаат: Сергеј Александрович Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Македонија, Оливера Чаушевска-Димовска, в.д. амбасадорката на Македонија во Руската Федерација, Андреј Александрович Липгарт, декан на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“ и Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

Работниот дел ќе го отвори директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ (МСМЈЛК), Весна Мојсова-Чепишевска, по што ќе следат излагања и сеќавања за работата на лекторатот по македонски јазик на Филолошкиот факултет при МГУ „М. В. Ломоносов“, и тоа од некогашни и сегашни лектори, како и од предавачи и професори коишто вистински се вградиле во работата на лекторатот по македонски јазик на универзитетот „М. В. Ломоносов“, а коишто како кадри пред сѐ излегоа од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како и од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков – Мисирков“ и Институтот за македонска литература при УКИМ.

Настанот ќе го одбележат со свој прилог:

– академик Ала Шешкен, професор на Катедрата за словенска филологија на Московскиот државен универзитет, научен соработник на Институтот за славистика при РАН, член надвор од работниот состав на МАНУ;

– проф. д-р Максим Каранфиловски, од Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ (некогашен директор на МСМЈЛК и некогашен лектор на Московскиот државен универзитет);

– д-р Елена Верижникова, доцент на Катедрата за словенска филологија на Московскиот државен универзитет, почесен доктор на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“;

– Роза Тасевска, од Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ (некогашен лектор на Московскиот државен универзитет);

– м-р Марија Пандева, актуелен лектор по македонски јазик на Катедрата за словенска филологија на Московскиот државен универзитет.

Свое учество ќе имаат и студентите по македонистика на Катедрата за словенска филологија на Московскиот државен универзитет – на сите нивоа, додипломски, постдипломски и докторски студии, и тоа: Марија Јарославцева, Елена Гаркуша и Никита Никитин (студенти од прва година), како и Полина Гаврилова и Татјана Кленова (студенти на магистерски студии) и Наталија Кикило (студентка на докторски студии).

Во рамките на настанот, говорниците, одделно ќе се осврнат и на влогот на оние без коишто отпочнувањето со работа на лекторатот во Москва немаше да се случи – академик Рина Павловна Усикова и нејзиниот руски ментор, професорот Самуил Борисович Бернштејн, како и нејзиниот македонски ментор, професорот Блаже Конески.

Овој значаен јубилеј – 45 години македонистика на „Ломоносов“, којшто се одбележува во текот на годината кога се навршуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески, покажува дека мостот меѓу универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „М. В. Ломоносов“, како и меѓу двете земји и двата народа, одлично функционира и до ден денес, но и дека обврзува и понатаму да се создаваат нови генерации македонисти и слависти од двете земји.

Одбележувањето на јубилејот следи по зимската школа организирана од МСМЈЛК, којашто се одржа на почетокот од оваа година, како и по извонредно организираната тркалезна маса на Рускиот центар, и двата при УКИМ. Со одбележувањето 45 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го продолжува и достоинственото чествување на ликот и делото на Блаже Конески.

Овој настан е дел од годишната програма на МСМЈЛК при УКИМ, а се остварува во рамките на богатата програма посветена на големиот јубилеј на великанот Блаже Конески, како дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, под покровителство на претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, а во координација на Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука.