• 21.04.2021 09:59

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Марковски: Залагањето за силна држава со единство може да донесе просперитет

BySarissa Editor

Jan 23, 2021

Денеска се одржа третиот Конзервативен караван на Институтот Сариса, кој беше организиран во Битола. На истиот м-р Сашо Марковски ја нагласи потребата од конзервативниот пристап при општественото дејствување, како и упати порака дека само оние луѓе кои се залагаат за силна држава со единство, можат вистински да донесат просперитет и мир.

Дел од ставовите на Сашо Марковски:

Ако го претставиме нашето општество како пирамида, ја ставаме власта на врвот, која го добива нејзиниот легитимитет и моќ од луѓето. Во средина е граѓанското општество. Таму припаѓаат институции и организации како нашата. Ние сме врската помеѓу владата и граѓаните. Сариса ги застапува и се бори за интересите на луѓето и ја држи власта под контрола.

Ако работиме паралелно на зголемување на транспарентноста и интегритетот на владата, можеме да ја подобриме довербата на луѓето во владините институции. Тука е нагласен нашиот конзервативен пристап на гледање кон владата. Ние веруваме во одржување и подобрување на столбовите на државата. Сакаме да ги надградуваме, а не да срушиме државните столбови. Ние сакаме државата да има компетентни и праведни владини институции засновани врз интегритет и ефикасност.

Истото важи и за меѓународната политика. Да го парафразирам конзервативниот државник Клеменс Фон Метерних, кој вели дека стабилност во државата раѓа стабилност меѓу државите. Тој ја гледа француската револуција како либерална реформа што ја претвори Европа во хаос. Метерних верувал дека традицијата е она што ги одржува државите стабилни; традицијата се одржува преку институциите и благородништвото. Денес тоа се властите и  владините институции. Kонзервативците се луѓе кои се залагаат за силна држава, а единството и соработката меѓу државите ги одржува мирот и просперитетот.

Европската унија денес е етаблирана и доминантна економска, политичка и воена сила. Нејзините граѓани живеат во стабилни, развиени, богати држави. Како држава ние мора да  поставиме основни закони за земјата да ни биде успешна. Исто така мораме да забележиме дека законите не само што треба да бидат усвоени од Собранието, тие треба да бидат имплементирани и почитувани од сите граѓани подеднакво. Нашата земја мора да биде силна за да влезе во сојуз со најсилните. Затоа Сариса е тука за да им помогне на граѓаните и на владините институции.

Претпоставката дека конзервативизмот е заостаната идеологија веќе е дискредитирана. Ако конзервативците веруваат во семејните вредности, тогаш треба да се залагаме нашите семејства да дишат чист воздух и да пијат чиста вода, да имаме богата економија во која нашите деца ќе имаат лагоден живот, да имаме сигурна и силна држава во која ние и нашите деца ќе бидеме безбедни и слободни. Конзервативците премногу долго ги етикетираа како радикални екстремисти. Сариса ќе докаже дека ние сме тука да се бориме за доброто на нашата татковина, си ја чуваме историјата, јазикот и традицијата и обезбедуваме сигурна иднина на следните поколенија.

Институтот Сариса е идеолошка и политиколошка институција, чија цел е создавање, развој и промовирање на конзервативни вредности идеологија и политики. Се бавиме со издавање на истражувања и анализи, организирање јавни дебати и конференции, итн. Се со цел да ја прошириме и разработиме конзервативната мисла. Сариса ја нагласува важноста на националниот идентитет и историските спомени, семејните вредности, слободната пазарна економија и се залага за култура што промовира вредности на правда и правичност.