• 21.04.2021 08:53

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Матарела назначи посредник во обидот за формирање нова влада на Италија

BySarissa Editor

Jan 30, 2021

Италијанскиот претседател Серџо Матарела ја довери работата за формирање нова влада во рацете на посредник по оставката на премиерот Џузепе Конте, јави ДПА.

Матарела му се обрати на спикерот на Долниот дом Роберто Фико и му порача да посредува меѓу политичките сили од претходната владејачка коалиција „во обид да ја оживее“. Шефот на државата му даде четири дена на Фико за да постигне напредок, соопшти претседателскиот кабинет.

Во последните денови, и самиот Матарела разговараше со одделни партии. Неуспехот да се формира нов кабинет може да доведе до предвремени избори и потенцијална политичка криза, во време кога Италија се соочува со пандемија од коронавирусот и рецесија. Матарела се обидува да формира влада што ќе остане на власт до крајот на парламентарниот мандат во 2023 година.Сепак, тоа е тешко да се постигне во Италија, каде што се вообичаени нестабилни влади. Фико (46) е од популистичкото Движење пет ѕвезди и е претседател на Долниот дом од 2018. Името на овој левичарски политичар неодамна беше споменувано како можен нов премиер ако Конте не собере поддршка да застане повторно на чело на валдиниот кабинет. Конте поднесе оставка во вторникот.

Поранешниот италијански премиер, Матео Ренци, лидер на партијата „Вива Италија“, изјави дека е подготвен да помогне во формирањето на новата италијанска Влада, но нема да даде поддршка за нов мандат на Џузепе Конте, кој неделава поднесе оставка на премиерската функција.

По состанокот со италијанскиот претседател Серџо Матарела, Ренци изјави дека претпочита да се формира нова влада, но избегна да одговори на прашањето дали се спротивставува на можноста Конте да се врати на премиерската функција, јавуваат британските медиуми.

-Во моментов не стигнавме до тоа прашање, изјави Ренци пред новинарите.

Тој додаде дека очекува неговата партија да има клучна улога во решавањето на ситуацијата.

-Не гледам можност за формирање мнозинство кое не ја вклучува партијата „Вива Италија“, додаде тој.

Ренци ја предизвика оставката на Конте кога неговата партија се повлече од владеачката коалиција, одземјаќи и го мнозинството во Горниот дом на парламентот, што доведе до политичка криза во земјата во услови на пандемија на коронавирусот.

Конте не изрази желба да ги поправи односите со човекот кој доведе до неговата оставка, особено што секој таков потег, пред се, би бил во корист на Ренци, додаваат британските медиуми.