• 11.04.2021 11:12

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Матичната собраниска комисија ќе ја утврдува листата кандидати за членови на Државната изборна комисија

BySarissa Editor

Jan 11, 2021

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата се очекува денеска да одржи седница на која треба да ја утврди листата на кандидати за членови на Државната изборна комисија (ДИК), чија мандат истекува на 15 јануари. Огласот за членови на ДИК заврши, досега се пристигнати пријави од 14 кандидати меѓу кои има и поранешни и актуелни членови, но и вработени во службите во Комисијата и правници.

Досега само од ВМРО-ДПМНЕ пристигна официјална потврда дека ќе го поддржат професорот Александар Даштевски за претседател на ДИК. Опозициската партија има уште едно место во ДИК, а според партиски извори, нов член на ДИК поддржан од партијата најверојатно ќе биде Бобан Стојановски, вработен во Собранието.

Од СДСМ засега нема информација за тоа кои тројца членови од кандидираните би ги поддржале. На огласот се пријавени и се уште актуелните членови на ДИК поддржани од владејачката партија Борис Кондарко, Јанаке Витановски и Радица Ристеска.

Исто така нема официјална информација и кој ќе биде член на ДИК поддржан од коалицискиот партнер на СДСМ, ДУИ. На огласот, според информациите од Собранието, е пријавена и потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху.

Свој кандидат ќе има најверојатно и Алијанса на Албанците, која е во коалиција со Алтернатива, а како кандидат што ќе биде поддржан го посочуваат правникот Кренар Лога.

Според процедурата, откако денеска Комисијата за прашања на избори и именувања ќе ја утврди листата на кандидати, ја испраќа до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој пак ја препраќа до партиите кои треба да се изјаснат кои кандидати ги поддржуваат за членови на највисокото изборно тело во државата. Листата со поддржани кандидати се доставува назад до Комисијата за прашања на избори и именувања, која ја утврдува и потоа таа се доставуваа до пленумот кој треба да гласа. Рок за одговор од партиите нема, но постапката, според досегашите искуства, може да заврши во рок од еден ден.