• 31.07.2021 16:17

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Кои брендови им се „омилени“ на сајбер криминалците?

BySarissa Editor

Nov 25, 2020
Благоја Јанакиевски

Бројот на сајбер напади во светот постојано расте, а својот максимум го достигна последниве неколку месеци, за време на корона кризата, бидејќи голем дел од светската популација е приморана голем дел од своите финансиски, работни и секојдневни обврски да ги обавува преку своите уреди користејќи интернет и компјутерски мрежи. Бидејќи компјутерскиот криминал е во пораст, неколку компании направија одлични истражувања на оваа тема, со цел да понудат решенија за заштита на своите клиенти. Така на пример, компанијата за анализа на компјутерски криминал „Check Point Research“ неодамна објави список на брендови кои хакерите најчесто ги имитираат за да ги „примамат“ корисниците да им остават чувствителни приватни информации или да дадат детали за начините на плаќање, со што би дошле до нивните финансии.

За време на тримесечниот период на истражување, помеѓу јуни и август 2020 година, „ Check Point Research“ подготви извештај за „фишинг“ во кој се наведува дека „Мајкрософт“ е брендот кој најмногу се користи од страна на сајбер криминалците. Така, Мајкрософт „се искачи“ на првото место на најзлоупотребуван софтвер од страна на криминалците во третиот квартал. Овој бренд беше користен во 19% од сите глобални напади на фишинг во овој период, наспроти 7% во вториот квартал.

По Мајкрософт, DHL и Google го делат второто место на оваа неславна листа со по 9%, а на оваа листа се и PayPal, Netflix, Facebook, Apple, WhatsApp, Amazon и Instagram.

Во овој период, изборот на средство за напад беше електронската пошта, со 44% од сите фишинг напади, проследено со веб-фишинг со 43%. Да додадам дека брендовите кои беа најмногу злоупотребени за време на напади со фишинг по е-пошта беа Microsoft, DHL и Apple, додека за веб-фишинг најчесто користени беа Microsoft, Google и PayPal.

Оваа кратка анализа укажува дека нашите компјутери се под постојана опасност, и треба да ги преземеме сите мерки за да се заштитиме онлајн и да ја подобриме својата сајбер хигиена.