• 25.06.2021 08:57

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

МИОА: Потпишан меморандум за разбирање за сајбер безбедност

Со цел зајакнување на капацитетите за сајбер безбедност на државата, Министерството за информатичко општество и администрација и Тетра Тек ЕС, АД (Тетра Тек) – американска компанија и спроведувач на програмата за техничка помош во Република Македонија на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) потпишаа Меморандум за разбирање.

„Меморандумот ја опишува техничката помош што Тетра Тек ќе ја даде на МИОА за да ја унапреди заедничката цел за подобрување на подготвеноста за сајбер безбедност и зајакнување на координацијата меѓу клучните засегнати страни во Република Македонија, вклучително и владата и приватниот сектор за заштита на критичната национална инфраструктура од сајбер напади“ соопшти министерството.

Оваа соработка, како што се наведува, ќе ги зајакне човечките и технолошките капацитети за сајбер безбедност низ критичните инфраструктурни субјекти и клучните ресурси, ќе ги подобри комуникациските протоколи за сајбер безбедност низ секторите и ќе ја зголеми отпорноста и подготвеноста на државата да се справи со закани по сајбер безбедноста.

Помошта на Тетра Тек е дел од заложбата на УСАИД за унапредување на енергетскиот сектор и безбедноста на критичната инфраструктура во регионот на Европа и Евроазија и поврзување на сојузниците во регионот со американски инвеститори, технологии и експертиза.