• 25.06.2021 14:19

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Мултинационалната вежба „Одлучен удар 21“ официјално започна на армискиот полигон „Криволак“

На армискиот полигон „Криволак“, во кампот „Стрела“ со воена церемонија за свечено отворање на мултинационалната вежба „Одлучен удар 21”, официјално се означи почетокот на активностите на оваа вежба на која воени состави од Армиите на Република Македонија, Соединетите Американски Држави, Бугарија и Грција ќе демонстрираат подготвеност за изведување на заеднички операции.

Командантот на Командата за операции која е носител на вежбовните активности, генерал-мајор Павле Арсоски во своето обраќање истакна дека Армијата на Република Македонија преку вежбата „Одлучен удар 21“, како составен дел од големата вежба „Defender Europe 21“ покажува дека како Армија сме подготвени да дејствуваме заедно и координирано со нашите партнери и сојузници.

Највисокиот воен претставник од НАТО, бригадниот генерал Џонатан Честнут во своето обраќање кон учесниците на вежбата, посочи дека заедничкото и напорно работење, одржувањето на колективниот дух, единството и солидарноста го прават овој сојуз посебен.

Директорот на вежбата, полковник Блаже Николовски, истакна дека успехот од реализацијата на „Одлучен удар 21“ е во рацете на сите учесници на вежбата и само со заедничка работа ќе успееме да го зголемиме нашето искуство, знаење и интероберабилност.

На вежбата и претходеа неколку месечни индивидуални и колективни теренски подготовки во разни ситуации со цел успешно извршување на поставените задачи кои ќе следат во текот на вежбата.

Целта на вежбата е споделување на стекнати знаења и размена на искуства помеѓу вооружените сили на земјите учеснички, преку заедничко извршување на поставените задачи во текот на вежбата, подобрување на нивото на интероперабилност на декларираните состави, извежбување со сојузнички армии, градење на меѓусебна оперативна синхронизираност помеѓу армиите во НАТО низ широк спектар на симултани операции, како и промоција на можностите кои ги нуди полигонот ,,Криволак“ за изведување вежбовни активности од поголеми размери.

На отворањето присуствуваа и командантот на Командата за обука и доктрини, бригаден генерал Методи Хаџи Јанев, одбранбеното аташе на САД во Република Македонија, полковник Питер Ровел, одбранбеното аташе на Бугарија, потполовник Пламен Николов и одбранбеното аташе на Грција, полковник Георгиос Акриотис.