• 21.04.2021 19:54

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Намножување на беззаконието заради недостаток на љубовта

Byurednik

Dec 6, 2020

Љубовта сѐ обединува, зацврстува, љубовта не е само добродетел, туку вкупност на добродетели. Љубовта го изразува најсуштественото Божјо својство. Апостолот на љубовта Јован кажал уште подобро. Тој Бог го нарекол љубов: Бог е љубов. Кој пребива во љубовта, пребива во Бога (1Јн. 4, 8, 16).

Љубовта е општосветски закон: сѐ произлегло од Бог љубов, и сѐ е сврзано со љубовта. Луѓето се создадени за взаемна љубов, која го сврзува во семејства, во заедници, во држави. Чувствата на благонаклонетост, поврзаност, самопожртвуваност за другите се вложени со нашето раѓање. Родителите ги сакаат своите деца и децата родителите бидејќи љубовта им е вродена со природата; чувството на жалост кон загинатиот и страдалникот не се стекнуваат од искуство и не од науката, туку се јавува само по себе, како и другите чувства, се вродени во нас. Нема таков однос меѓу луѓето, кој не е украсен со љубов. Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно (Пс. 132, 1). Колку е прекрасно и колку е мило да се види љубовта меѓу родителите и децата, меѓу мажот и жената! Колку е среќно она општество, кое е сврзано со љубов! Колку е лесно да се живее таму, каде што љубовта ги поврзува началниците и потчинетите, господарите и слугите, стопанствениците и тие што им служат.

Пријатно е чувството на радост, но оваа радост тројно се зголемува, кога со радосниците нивната радост ја споделат и други, кога се радуваат со радувачите. И најтешката болка ја губи својата острина, кога ќе се најдат сочувствувачи за оваа болка, кога плачат со тажните… Ете затоа ни е заповедено: сѐ при вас да биде со љубов. Ако љубовта е толку природна, толку полезна, толку посакувана, тогаш зошто таа е толку ретка во секојдневниот живот на луѓето? Причината за ова пред се се состои во самото својство на љубовта. Љубовта, како и секоја вистинска христијанска добродетел, не сака да се покажува, таа не вика за себе, како што вика порокот на улица; љубовта се крие од туѓи погледи; неа ја познаваат само по нејзините плодови. Секако, има случаеви, кога љубовта храбро, цврсто соопштува за себе, ако тоа е потребно: таа смело ја кажува вистината, кога тоа го бара неправдата, од која страда ближниот; љубовта не се плаши од страдањата и смртта, кога тоа го бара доброто и спасението на возљубениот. Но каде што ова не е потребно, љубовта делува потполно во тајност. Ете Светителот Николај тајно ноќе носел ќесиња со злато во домот на несреќниот татко, кого несреќата едвај не го поттикнала на злосторство – да ги продаде своите ќерки да бидат обесчестени. Ете љубовта тајно носи вода за пиење и ја остава при вратата на тој што има потреба од тоа; ете добриот христијанин тајно ноЌе работи на нивата кај човекот, кој заболел и не може благовремено да го собере своето жито. Тој што љуби тајно се јавува како утешител на несреќните, помошник на страдалците и спасител на тие што гинат.

Често љубовта повеќе се покажува во трпењето за другите, во снисходливоста кон нивните слабости; таа ја носи врз себе тежината на другите, и ова се извршува толку тивко, тајно, да ретко се забележува од другите. Ете жената ја трпи слабоста на пијаниот маж, страда за него и од него; пролева солзи заради него, и – кој го гледа ова? Ете човек кого без вина го караат, го навредуваат со јавна несправедливост, а тој молчеливо трпи, на злото не враќа со зло, како глув не слуша, како нем не ја отвара устата своја. И кој го гледа ова? Кој знае, освен тој што заради љубовта страда? Некогаш заблудите на умот и предрасудите служат како препреки за покажување на љубовта меѓу луѓето. Некои луѓе имаат меко срце, но умот им е заразен со предрасуди; срцето сака да направи добро, да покаже љубов со добро дело, а умот станува против ова. Еве примери. Познат човек, раскошно облечен, проаѓа покрај сакат што седи, кој се тресе од студ; срцето би сакало да помогне на несреќникот, но предрасудата му вели: не е добро за тебе, на таква важна личност, да остане покрај овој бедник: како не би се потсмеале над твојата мекосрдечност – така размислува и си оди. Ете човек богато облечен, кој стои високо или малку повисоко од простиот народ, влегува во храмот, каде благочестивите луѓе принесуваат свеќи, за да ги стават пред иконата; принесуваат паричка, за да ја спуштат во црковната каса.

Срцето на богатиот или познатиот исто така би сакало да го направи истото што го прават другите, но умот му вели: не е добро за мене да ги поддржувам во ова простите луѓе, за да не би ми се потсмеале мене тие што ме познаваат, и гласот на срцето е задушен со предрасудите на умот. Или уште еден пример: срцето сака да му прости на навредувачот, а предрасудата му вели: добро ли, благоразумно ли ќе постапам, ако јас на сите им проштевам; нема ли да го сметаат ова како знак на моја слабост? Нема ли ова да биде против мојата чест, ако не се одмаздам на тој што ме навреди? Напротив не треба ли да им покажам на другите, дека на никому не му дозволувам да ме навреди? Така размислува и не проштева, и се одмаздува себеси. Најпосле, причина за реткото покажување на љубовта меѓу луѓето се состои во себељубието. Прекумерната љубов кон самиот себе ја задушува љубовта кон другите. Себељубието понекогаш ги разорува најцврстите семејни врски меѓу родителите и децата, меѓу сопрузите, меѓу пријателите и меѓу членовите на општеството, поврзани меѓусебе од заедничките интереси. Тоа се случува тогаш, кога секој мисли само на себе и на своите задоволства, на својата чест, за својот мир, но малку се грижи за другите. Сопрузите се караат затоа што секој од нив сака само нему да му угодуваат. Членовите на заедницата се делат затоа што секој ги бара само своите добивки, но не размислува за добивката на другите. После ова не е зачудувачко зошто сега толку малку се пројавува љубовта меѓу луѓето. Луѓето “повеќе мислат на себеси, отколку на ближниот”.