• 20.04.2021 17:25

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Направи ли премиерот безбедносен лапсус со изјавата за британското разузнавање?

BySarissa Editor

Mar 10, 2021

Повеќе дилеми се појавија во јавноста по вчерашното признание на премиерот Заев дека со цел набавка на вакцини контактирал со шефови на тајни служби како британската разузнавачка агенција МИ6.

“Дали јавното признание на премиерот Зоран Заев дека за набавка на вакцините против корона вирусот разговарал и со луѓе од британската безбедносна служба МИ 6 претставува уште еден удар врз безбедносниот кредибилитет на државата и го доведува ли во прашање добивањето на својот НАТО безбедносен сертификат?”, прашува во својата анализа порталот пресингтв.мк во врска со контроверзните на премиерот.

Заев е еден од највисоките државни функционери кои се уште немаат добиено сертификат за пристап до тајните документи на НАТО.

Според експерти во конкретниот случај не е спорно тоа што премиерот разговарал со тие луѓе, туку тоа што јавно ги обелоденил контактите, како и темата и дел од содржината од разговорот.

-Самата изјава дека како премиер контактирал со разузнавачка служба е во најмала рака контроверзно, затоа што според безбедносните процедури таквите контакти мора однапред добро да бидат осмислени, а и задолжително да се направи белешка за таквите контакти. Ова е значајно затоа што едно од прашањето на безбедносниот прашалник за добивање безбедносен сертификат е дали сте имале контакти со странски разузнавачи и разузнавачки служби, и доколку сте имале мора да го одговорите ова прашање и да наведете кога и зошто, и што се разговарало. Впрочем, затоа е потребно и да се направи белешка од таквата средба, вели универзитетскиот профеоср Александар Нацев за Пресинг ТВ.

Нацев подвлекува дека според нашите законски уредби, на премиерот по функција му следи највисокиот степен на национален безбедносен сертификат, а тоа е „Државна Тајна“, и воопшто не се прави безбедносна проверка.

-Е сега, кога е во прашање НАТО безбедносен сертификат, работите се комплицираат малку, бидејќи со тој сертификат добивате пристап до тајните на сојузниците и на Алијансата како организација. Ваквите јавни неумесни изјави, па дури и до некој степен загрозување на оперативната безбедност на одредени лица, кои работат во тајна служба од рангот на МИ6, секако дека придонесуваат до намалувањето на безбедносниот кредибилитет на државата во целина, и говорат за непочитување на безбедносните процедури и регулативи, и што е уште пострашно, тоа непочитување доаѓа од самиот државен врв, кој би требало да е најсензибилизиран во поглед на безбедноста, потенцира професорот Нацев.