• 25.06.2021 14:28

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Нацев: Има многу дилеми и нејаснотии во службената белешка на АНБ

Bysrs-editor

May 7, 2021

Во своја реакција на социјалните медиуми, универзитетскиот професор Александар Нацев, поставува неколку прашања и објаснува неколку нејаснотии околу службената белешка од АНБ, која протече во јавност. Објавата ви ја пренесуваме во целост:

„Веќе подолг период пишувам за случувањата во безбедносно разузнавачката заедница на Македонија, а дел од тие натписи се однесуваа и на АНБ и на процесите кои се случуваат таму, почнувајќи од селекцијата на кадри, функционирањето на Агенцијата и слично. Последните случувања кои излегоа на јавна сцена со објавувањето на класифицирани документи од АНБ и огромната критика од јавноста за методите на работа и применувањето на овластувањата од страна на оперативците на АНБ, повторно ја донесоа оваа Агенција во мојот фокус и направив кратка анализа на последниот случај, со службената белешка.

Доколку се анализира белешката, ќе се забележи дека сите аргументации и предвидувања се однесуваат на можно сценарио, без приказ на факти кои би го потврдило тврдењето на оној кој ја пишал белешката. Притоа, подносителот на белешката употребува глаголска л-форма [престојувал, подготвувал, имал] која најмногу се употребува кога сакаме да прераскажеме некому нешто, без разлика дали сме го чуле тоа, прочитале, или пак некој ни го кажал. Најчесто тоа е гласина, употреба на претпоставка или поставување на прашање и одговор на хипотетичко прашање. Во однос на вмешаноста на странска служба, не е наведено ниту името и презимето (или било каков идентификациски маркер, па дури и псевдоним) на припадникот на странската служба, кој имал состанок со лицата од интерес, што кај сите нас раѓа сомнеж дека воопшто не е извршена ниту проверка во хотелот Аурора, ниту пак е одземен видео материјал од видео надзорот во истиот, кој потоа би бил прилог во белешката. Друга дилема е, ако имало обид за бегство, зошто тогаш нема истрага против Наташа Савова која е посочена како помагач? И за крај, потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев. Ако АНБ примениле само оперативен метод „набљудување” и на тоа се повикуваат како образложение, тогаш тоа објаснување држи вода до некаде, затоа што тоа им е законска можност и овластување. Но, набљудување значи да гледаш некој дека пие кафе и да го нотираш тоа, како и да ги нотираш лицата кои се во негово друштво, но како во тој случај би знаел што се зборувало на масата, и би напишал  кредибилна службена белешка за содржината на тој разговор?

Еве, ова се неколку логични прашања, за кои се сомневам дека некој ќе ги одговори.“