• 21.04.2021 09:06

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Најголемите битки на Александар Македонски (2) – Битката кај Граник

BySarissa Editor

Feb 1, 2021
м-р Никола Веселинов

Непријателствата помеѓу Македонија и Персија започнале поради помошта која Персијците им ја дале на Бизантион и на Перинт при нивното освојување од страна на Филип II, а oсвен ова, Персијците најверојатно учествувале и во заговорот за неговото убиството. Пред заминувањето во Мала Азија, немајќи доверба кон Елините, Александар III Македонски го оставил Антипатар во Македонија со половина од неговите македонски регрути, односно со 12.000 фалангисти и со 1.500 коњаница со задача, како претставник на хегемонот, да внимава на Елините. За таа задача Антипатар ја добил титулата стратег на Европа. Поради истите сомневања и недоверба кон Елините, Александар III Македонски повел елински војници кои всушност биле заложници во неговите раце. Силите кои ги земал со себе броеле околу 7.000 пешадија, 600 коњаница, 160 бродови и 1.500 тесалиска коњаница кои подоцна ја добиле неговата посебна доверба, а одиграле и важна улога во битките кај Азија.

Според формацискиот состав, јадрото на војската на Александар III Македонски го сочинувале Македонската фаланга и коњаницата. Македонската пешадија се состоела од 9.000 пезетајри – тешко вооружени фалангисти и 3000 хипастисти – лесно вооружени пешаци, додека коњаницата броела 1.500 лесно вооружени коњаници и кралската ила. Освен Македонци во вооружениот состав, повел 5.000 платеници и 8.000 лесно вооружени стрелци, фрлачи на копје и прачкаши, одреди кои биле составени од Тракијци, Агриани, Критјани и други покорени народи. Елинистичките хоплити цело време биле во сенка, бидејки во нив Александар немал доверба, а ги водел како заложници на мирот, користејки ги како посада, работна единица и за обезбедување на патиштата. Во составот на коњаницата имал Пајонци и Тракијци како и Тесалиски коњаници. Копнената војска на македонското кралство сочинувала околу 40.000 луѓе. Бројната состојба на македонската флота изнесувала 22, а на еленистичката 160 воени бродови со екипаж со околу 36.000 луѓе. Во целост бројната состојба на вооружените сили на Александар кои биле ангажирани за поход кон Азија изнесувал околу 90.000 луѓе.

За тоа време Персиското кралство во споредба со македонското било огромно, и се простирало од Египет до Индија. Големиот број на население и непроценливото богатство на злато и сребро овозможувало ангажирање на огромна војска. Само за споредба, во флотата на Персија имало околу 400.000 луѓе, а копнената војска броела околу 600.000. Поголемиот дел од војската го сочинувале пешадијата, во која влегувале примитивни недисциплинирани племиња и полувооружени селани. Ударната сила на персиската војска ја сочинувала коњаницата, додека стрелците претставувале спореден род. Покрај ова во Персиската војска имало Елински платеници кои им служеле во приморските сатрапии (воено административни области). За време на походот на Александар III Македонски во персиската војска имало околу 20.000 елински платеници.

Походот кон Мала Азија Александар го започнал од Амфипол во пролетта 334 година п.н.е., истоварувајки дел од своите трупи во Абидос. Придвижувајки се до малоазиското копно кај Абидос, Александар од бродот фрлил стрела сакајки на тој начин симболички да го одбележи освојувањето на Азија. По истоварување на војската им принел жртва на боговите а потоа со своите команданти тргнал кон Илион (Троја) каде го посетил храмот на божицата Атена. Ова покрај военото имало и пропагандно значење. Посветувајќи и го своето оружје од храмот го зел оружјето и светиот штит за кои се верувало дека му припаѓа на Ахил.

По овие настани Александар се упатил кон другиот дел од својата војска која под раководство на Парменион била префрлена на другиот брег од морето, па заедно тргнале кон Зелеја, јужно од Мраморното море каде што се очекувала персиската војска. За тоа време Персијците имале за цел да го натераат Александар да прифати битка на прагот на Азија. Меѓутоа биле доволно свесни дека не треба да се сретнат со македонската војска на отворено поле. Како погодна местоположба за битка персијците го одбрале долниот тек на реката Граник (Коџабаш), планинска река што се спушта од планината Ида и се влева во Мраморното море. Во овој предел реката минува низ рамнина, а јужните брегови се издигаат стрмно од реката. Токму јужниот брег го запоседнале Персијците, но поставиле несоодветен борбен распоред и одбрале лоша тактика. За оваа битка Персијците имале ангажирано околу 40.000 луѓе каде во првата борбена линија на фронтот веднаш до стрминте брегови поставиле 20.000, а останатите 20.000 кои претставувале пешадија од Елински наемници биле на извесно растојание зад коњаницата. За ваквиот распоред Александар добил информации од своите извидувачи и подготвил соодветни сили и тактика.

За оваа битка Александар ги повел најдобрите формации, односно само македонските сили, Агријаните и Тесалската коњаница. Со коњаницата на Тесалија командувал Александар Линкестиски, додека елинистичките сили не ги водел. Македонските сили вкупно изнесувале 13.000 пешадинци и 5.100 коњаница. Во рамнината на Граник македонската војска навлегла од западната страна и полека се движела распоредена во одбрамбена формација за да не биде ненадејно нападната. Потоа следела пешадијата која броела приближно 12.000 движејки се во борбен строј од типот на фаланга (фронтална линија од 750, а во длабинска линија од 16 војници). Меѓу осмиот и деветиот војник по длабочината имала поголемо растојание за да може лесно да се маневрира со фалангата. Македонскиот фронт по ширина изнесувал 2,5 километри, а по длабочина за коњаницата 10, а за пешадијата 8 војници. Со десното крило командувал Александар III Македонски а со левото Парменион.

Битката на реката Граник се случила при крајот на мај 334 година п.н.е. поради големите дождови реката била надојдена, а денот бил речиси пред зајдисонце, каде Парменион го советувал Александар поради ситуацијата да го одложи нападот за наредниот ден, но за ова Александар не го послушал својот командант со цел да постигне максимално изненадување. Македонската војска од одбранбен распоред на фронталната линија и од марш веднаш поминала во силен напад долж целата линијна на фронтот. Нападот бил толку успешен што Персијците немале време за содејство помеѓу пешадијата и коњаницата. Александар го предводел десното крило со својот елитен ескадрон каде  навлегол во реката широка 50 метри, неговиот центар го започнал нападот а тој ја развлекол својата коњаница со цел да ги заобиколи Персијците. Во исто време и Парменион со левото крило извршил напад, така што Александар успеал да ја премине реката и да формира коса фронтовска линија со што на противникот му нанел катастрофален пораз.

Во оваа битка самиот Александар соборил неколку видни Персијци, но и самиот бил ранет во рамото. Поради несоодветниот распоред на елинските платеници во персиската војска останале само набљудувачи. По совладувањето на персијците тој ги нападнал елините заедно со коњаницата и со фалангата. По тој краткотраен, но страшен удар 2.000 елини биле заробени и потоа биле испратени на принудна работа во Македонија. Персијците во битката загубиле 20.000 пешадинци и 2.500 коњаница, додека македонската војска загубила само 34 војници од кои 9 биле пешадинци. Победата кај реката Граник остварена за неколку часа ја докажала генијалната стратегиска подготвеност на Александар III Македонски, извежбаноста на македонската војска и супериорноста на неговото оружје, но и му овозможила на Александар брзо продирање на исток.