• 30.07.2021 07:55

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Најголемите битки на Александар Македонски (4) – Битката кај Гаугамела (Гавгамела)

Bysrs-editor

Mar 21, 2021
м-р Никола Веселинов

По битката кај Исос, Александар III Македонски со својата војска го продолжил своето освојување на Медитеранскиот брег и Египет. По освојувањето преку Сирија, Александар навлегол во срцето на Персиската империја, каде без да наиде на било каков отпор ги преминал реките Еуфрат и Тигар. Македонската војска марширајќи кон позициите на персиската војска на 30 септември 331 година п.н.е. се искачила на еден рид каде од самото место се гледала борбената линија на персиската војска. Откако Александар III Македонски го разработил планот со своите стратези и команданти, според предлогот на Парменион бил даден еднодневен одмор на македонската војска, која била распоредена согласно правецот за напад во битката. Додека македонската војска се одмарала, Персијците очекувале напад и целиот ден го поминале во борбена готовност, поставени во борбен распоред. Дариј III се посомневал дека Македонците ќе го нападнат ноќта, и презел соодветни мерки. Персиската војска цел ден и цела ноќ била во исчекување за евентуален напад. Тоа било физичко исцрпување и психолошко оптоварување за персиската војска од страна на Александар III Македонски. Всушност и Парменион дал предлог да се нападне уште ноќта, но Александар одбил, бидејќи не сакал да ја сокрие својата победа. Вечерта Александар на своите команданти им издал последни задачи и упатства каде ги предупредил да ги распоредат своите формации во најголема тишина и дисциплина, а кога ќе тргнат во напад на негов сигнал да создадат борбен вик што ќе им влее страв и паника на Персијците.

Битката што ја решила судбината на Персиското кралство се водела на 1 октомври 331-та год п.н.е. кај местото Гаугамела. Борбениот распоред на македонската војска бил составен од две линии. Фронтот по должина изнесувал 4.5 км, а по длабочина два пати по 16 војници со поголемо растојание помеѓу борбените линии. Двете фронтални линии биле формирани уште од местото каде одморале, а со движење кон персиската војска фронтот добил коса линија со истурено десно крило и повлечено лево крило. На десното крило се наоѓал кралскиот коњанички ескадрон со уште седум коњанички ескадрона. Веднаш до нив, како еден вид десен центар, се наоѓала кралската пешадиска бригада со две бригади на штитоносци. Центарот го зазела македонската фаланга каде броела шест бригади. Прва била бригадата на Којнос, а потоа следеле бригадите на Пердика, Полиперхонт и на Кратер. На левото крило се наоѓала тесалската коњаница. Со оглед на тоа дека широката рамнина повеќе му одговарала на Дариј III, поради големата бројност на војската, Александар III Македонски поставил дополнителни сили на двете крила кои исто имале неправилна линија, со цел да го спречат изненадувањето и да одговорат на страничните напади. Така на десното крило од кралската коњаница биле поставени Агријаните и новата единица македонски стрелци. На крајните десни позиции биле повторно Агријаните, дел од критските стрелци и копјеносците кои биле директно на правецот на борбените коли на Персијците. На левата страна во неправилна линија и во двоен распоред биле поставени тракиските стрелци. Резервата на Александар III Македонски била распоредена зад центарот во вид на фаланга каде имала задача да се вклучи во борба по одлука и на место каде што ќе одреди кралот. Александар предвидувал дополнителните сили на крајните крилни позиции и резервата, во случај на потреба, да формираат квадратна формација за одбрана од сите страни доколку македонската војска биде опколена. Вкупните сили со кои располагал Александар III Македонски изнесувале 40.000 пешадија и 7.000 коњаници. Со десното крило командувал самиот Александар, додека со левото Парменион, а неговите синови Филота командувал со коњаницата на хетајрите, а Никанор со штитоносците. Со македонската фаланга командувал Кратер.

Подготовките на Дариј III за битката кај Гаугамела траела две години, при што биле ангажирани околу 200.000 пешадинци и околу 40.000 коњаници. Меѓу војниците имало Узбекистанци, Авганистанци, Пакистанци, Индијци и голем број елински платеници. Покрај бројната жива сила, Дариј III извршил модификација на оружјето, каде вклучил борбени коли кои на оските имале остри сечила со кои се нанесувале тешки повреди на пешадијата и коњаницата. Освен ова во оваа битка персиската војска ангажирала и слонови. Затоа Дариј барал рамнинска положба во која ќе бидат максимално искористени слоновите и борбените коли. Согласно бројноста на војската и разновидноста на оружјето, Дариј го поставил борбениот распоред во фронтовска линија со различна длабочина. Во центарот се наоѓал самиот Дариј III, а пред него биле поставени 15 слонови и 50 борбени коли со сечила. Тие биле придружувани од индиска коњаница чии коњи веќе биле тренирани да се борат покрај слоновите. Зад слоновите биле Каријците, Мардите и 2.000 припадници на кралската гарда. Од двете страни на центарот биле поставени елинските платенички хоплити кои броеле околу 6.000 војници. Во втората борбена линија на Дариј, што била замислена како резерва биле поставени коњанички единици, а додека на нивните крила од десна страна биле поставени 100, а на лева 50 борбени коли поддржувани со коњаница. Планот на Дариј III се темелел на претпоставка дека слоновите и новото оружје ќе создадат пукнатини во македонската фаланга, а потоа кога ќе ги раздвои, со силен напад на својата коњаница да и нанесе катастрофален пораз на македонската војска. Затоа планирал тежиштето да му биде на левото крило за да му создаде простор на своето десно крило со борбените коли да направи празнини во македонското лево крило.

Текот на битката започнал според замислите на главните стратези. Александар III Македонски главниот удар го насочил кон центарот таму каде што имало најмалку борбени коли. Со своето десно крило извршил маневар на тој начин што на некои пешадиски и коњанички единици им наредил да се движат полека во напад, а другиот дел да го забрза своето движење, да ги подготват стрелите, копјата и катапултите и во погоден момент да ги насочат кон коњите на борбените коли. Персиските војници не можеле да ги контролираат  своите коњи кои биле погодени од бројни стрели и копја, при што нивната фронтовска линија се нарушила. Македонската пешадија се потргнала на страна, отворајќи им пат, а потоа се нафрлувала врз персиските војници што биле на борбените коли. Согледувајќи ја оваа состојба Дариј III му наредил на левото крило да и помогне на десната страна. Тогаш Александар со силен удар го нападнал центарот каде предизвикал силна паника во персиската војска. Гледајќи ја состојбата, а особено кога го видел налетот на македонската фаланга, Дариј III се свртел и избегал од бојното поле. Центарот на персиската војска бил скршен, но левото крило на Македонците било во опасност, каде Александар III Македонски на барање на Парменион му помогнал. Поради неправилната и прекинатата линија, персиската војска извршила пробив и го ограбила македонскиот логор, меѓутоа по пристигнувањето на Александар, персиската војска била дефинитивно поразена. Во битката кај Гаугамела на македонска страна имало околу 100 загинати војници, а додека на персиската страна бројката изнесувала околу 30.000 мртви. Според други извори загубите на македонска страна биле 500, а на персиската околу 90.000 загинати војници.

Победата кај Гаугамела кој ја извојувал Александар III Македонски со своите стратези и команданти ја решило судбината на Персиското кралство. Дариј III избегал во правец на Медија со неколку илјади коњаници и со 2.000 елински платеници, додека главнината на персиската војска се повлекла во одбрана на градот Суза. Во Бабилон Александар влегол без борба и по уредување на состојбата во градот се упатил кон Суза. Овде ја запленил главната ризница со злато, сребро и други скапоцености и по пристигнувањето на нови воени сили од Македонија ги продолжил воените дејства кон исток.