• 28.07.2021 11:19

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Најголемите битки на Александар Македонски (5) – Битката кај Хидасп

Bysrs-editor

Apr 13, 2021
м-р Никола Веселинов

Битката што Александар III Македонски ја водел на бреговите на реката Хидасп (денешна река Џелум) е последна голема фронтална борба. Таа се одиграла во летото 326 година п.н.е. Што се однесува до историјата на војните и до судот за способноста на Александар III Македонски како стратег и врховен командант, оваа битка е доста интересна, значајна и сосема е различна од претходните. Додека во останатите битки се користел косиот строј на војување со што македонската фаланга била непобедлива, во оваа битка биле применети сосема нови тактички идеи, разни варијанти на демонстрација на сила, маневри и воена итрина. Реката Инд, Александар III Македонски со своите војски ја преминале преку мост што го направиле инжинериските единици на Пердика и на Хефастион, каде навлегле на територија на Индијците. Раџата од Таксила му се предал без борба и своите вооружени сили му ги ставил на располагање на Александар, бидејќи самиот бил загрозен од Пор кој владеел со народите преку реката Хидасп.

За оваа битка Александар III Македонски располагал со околу 12.000 пешадинци, 4.000 коњаници и 1.000 стрелци на коњи. Слоновите од Таксила не ги вклучил, бидејќи коњицата не била навикната на борба со слонови. Борбената сила на Пор ја сочинувале околу 30.000 пешадинци, 4.000 коњаници, 300 борбени коли и 200 бојни слонови. Завојуваните сили биле разместени на бреговите од двете страни на реката Хидасп, но поради обилните дождови реката била надојдена. Согледувајќи го борбениот распоред на Пор, Александар не се осмелил директно од логорот да ја премине реката, туку се послужил со воена итрина. Наредил секоја ноќ неговата војска да прави врева и да се симулира преминување, со што го држел противникот во постојана зголемена борбена готовност. Непосредно пред нападот ја поделил својата војска така што во логорот го оставил Кратер со доволно сили и со задача да започне напад кога ќе забележи дека Пор ги повлекува своите слонови и борбени коли, а тој со 6.000 пешадинци и со 5.000 коњаници се спуштил на 25 километри низ течението и ја преминал реката.

По пристигнувањето на другата страна следното утро Александар III Македонски со засилен марш го започнал нападот врз претходницата на Пор. Во меѓувреме Пор го променил својот борбен распоред, каде во центарот ги поставил слоновите, меѓу нив и одзади била поставена пешадијата, а на крилата коњицата и борбените коли. Главниот напад врз силите на Пор, Александар го започнал со своето десно крило, додека левото крило со кој командувал Којнос го задржал, па формирал коса линија. Напаѓајќи со своето десно крило на индиската лева страна ја принудил индиската коњица да оди на помош на левото крило, додека ваквиот маневар го искористил Којнос и извршил напад на индиското десно крило кое останало само со слонови и пешадија.

            Во исто време Кратер го започнал нападот, преминувајќи ја реката кај индискиот логор. Македонската коњица која била вешта во маневрирање ги нападнала слоновите и пешадијата на Пор. Обидите на Пор да ги развлече своите редови, за да им обезбеди простор на слоновите останал безуспешен. Планот на Александар III Македонски бил извршен до совршенство каде ги поразил силите на Пор. Победата Александар ја сметал за решавачка за освојувањето на Индија. Во оваа битка македонските сили загубиле 200 коњаници и 700 пешадинци, додека загубите кај воените сили на Пор изнесувале околу 12.000 загинати и 9.000 заробени војници.