• 20.04.2021 14:06

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Најголемите битки на Александар Македонски (1) – Битката кај Херонеја

BySarissa Editor

Jan 21, 2021
м-р Никола Веселинов

Историска и решавачка битка помеѓу македонската војска и сојузничката војска на елинските градови – држави, Атина, Бејотија и Теба се одиграла во август 338 година п.н.е., кај местото Херонеја во Бојотија. Бојното поле било во долина на реката Кефис. Рамнината и ширината овозможувале доволен простор за маневар и содејство на Филиповата фаланга и коњаница. Македонската војска имала околу 30.000 пешадија и 2.000 коњаница, додека еленските сили се движеле од 35.000 до 40.000 во пешадија и околу 2.000 во коњаница, каде борбениот распоред бил фронтален.

Македонската војска го имала следниот борбен распоред: на лево крило со офанзивна задача била тешката коњаница со која командувал тогаш осумнаесетгодишниот син на Филип II, Александар, каде бил надгледуван од најдобрите команданти на кралот. На десно крило биле поставени штитоносците и тешката пешадија со која командувал Филип II, додека на крајното десно крило ја поставил лесната пешадија со задача да го обезбедува од евентуален напад од страна.

Сојузничките елински сили биле распоредени на следниот начин, на десното крило била прославената тебанска „Света чета”, која била стационирана до самата река Кефис, во средина биле Бојотијците, а на лево крило до ридестите планини на Херонеја се наоѓале атинските хоплити. Во строгиот центар биле поставени 5.000 платеници, регрутирани меѓу сојузниците. На крајното лево крило била лесната пешадија со задача да спречи било какви заобиколни напади и да овозможи повлекување на своите сили кон местото Керата, за да се засолнат во случај на евентуален пораз. Должината на сојузничката воена линија на фронтот била околу 3,5 километри, а по длабочината имала осум војници, освен „Светата чета” која била групирана на мал простор. Од реката Кефис, па се до тврдината на ридот на Херонеја воената линија била неприкината, а на крилните позиции било тешко да се нападне. Елинистичката коњаница била зад пешадиската фронтална линија каде била замислена како резервна сила.

            Битката започнала со нападот на македонската фаланга. Филип ја применил добро извежбаната тактика, односно маневрирање и содејство меѓу фалангата и коњаницата во напад. Со силен удар го извршил нападот, а потоа не ги гонел Атинците, туку полека се повлекувал за да го извлече противникот во привидна офанзива. За тоа време, левото крило на чело со Александар започнала силна офанзива против „Светата чета” на Тебанците. На тој начин македонската фаланга ја добила косата позиција, а потоа ја започнале силната офанзива. Особено значајно е што Александар и нанел катастрофален поразна на тебанската “Света чета”. Елинистичките линии биле разбиени, каде биле убиени 1.000 Атинци, а 2.000 биле заробени, додека тебанците загубиле 2.000 војници.

            Долгоочекуваната битка помеѓу Македонија и сојузничките елински градови – држави траела само неколку часови, завршувајќи со триумфална победа на Македонија.

Победата на македонската војска кај Херонеја во 338 година п.н.е. претставува воспоставување доминантна улога на Македонија во елинистичкиот свет. Во оваа битка до израз дошло единството на воената и на дипломатската вештина, но освен ова стекнување на воена слава и издигнување на Александар Македонски до своите височини.