• 03.08.2021 21:18

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

На денешен ден роден е Павел Шатев – истакнат македонски револуционер

Во Кратово на денешен ден, 15 јуни во 1882 година е роден Павел Шатев, истакнат македонски револуционер и анархист, член на Гемиџиите и еден од солунските атентатори. Подоцна станал еден од основачите на ВМРО (Обединета), а по ослободувањето на Македонија – прв министер за правосудство.

Основното училиште го завршил во родниот град, а потоа се запишал во прогимназијата во Скопје. Во 1900 година успешно матурирал во Солунската гимназија.

Истовремено им се приклучил на Гемиџиите. Бил задолжен да го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“.

Оваа акција била успешно извршена, при што бродот бил запален, а сите патници биле спасени. Бил уапсен и на судскиот процес на 6 јуни 1903 година бил осуден на смртна казна. Исчекувајќи го трите години за извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор Еди Куле, на 23 април 1906 година, неочекувано, смртната казна му била заменета со доживотен затвор во Фезан, во Сахара. Во 1908 година, по Младотурската револуција, добил амнестија и повторно дошол во Солун.

По кусиот престој во Македонија, заминал во Брисел, каде студирал право. Во текот на Првата светска војна бил мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучил во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија. По капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година се вратил во Македонија и се вклучил во политичкиот живот на македонската република извршувајќи највисоки раководни должности. По донесувањето на Резолуцијата на Инфорбирото, Шатев застанал на страната на советската партија. На 16 јуни 1949 година Шатев бил уапсен „како непријател на државата“ и набрзо му бил одземен пратеничкиот имунитет.

Во истражниот затвор во Скопје бил задржан 11 месеци, до мај 1950 година по што бил испратен во Битола, во домашен притвор. Лишен бил од контакти со надворешни лица и држен во тешки услови. Набрзо се разболел и бидејќи не му било дозволено да се лекува, починал на 30 јануари 1951 година.

Властите не дозволувале да биде погребан во родното Кратово. Закопан бил на битолските гробишта.