• 20.04.2021 23:26

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

НБРМ одржа е-работилница за новинарите посветена на статистиката на финансиските сметки на македонската економија

ByHristijan Risteski

Jan 29, 2021

„Со објавувањето на статистиката на финансиските сметки, Народната банка ја исполни обврската преземена со пристапувањето на нашата земја кон највисокиот статистички стандард на ММФ за дисеминација на податоци – СДДС плус, кон којшто имаат пристапено само дваесетина земји во светот. Статистиката на финансиските сметки особено се актуализира по Глобалната финансиска криза, како извор на податоци за ранливостите во одделните сектори во економијата и можните канали на пренос на шоковите од еден во друг сектор.“ – истакна гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, во своето воведно обраќање на е-работилницата на Народната банка за новинарите, посветена на статистичките податоци за годишните финансиски сметки на македонската економија.

Оваа работилница се одржа во рамките на серијалот е-работилници за новинарите во организација на Народната банка. Статистиката на финансиските сметки е исклучително важна и воедно, една од најкомплексните статистики. Податоците во рамките на оваа статистика овозможуваат детални информации за состојбата и промените на финансиските средства и обврски на одделните сектори во економијата, нивната структура по одделни финансиски инструменти, како и за меѓусебната финансиска изложеност на одделните сектори. Со тоа, тие може да имаат и голема употребна вредност во истражувачкото новинарство во сферата на економијата.

На работилницата, во рамките на презентацијата, директорката на Дирекцијата за статистика на Народната банка, Султанија Бојчева-Терзијан, покрај осврнувањето на значењето на финансиските сметки, методологијата, принципите и опфатот на оваа статистика, презентира и анализа на податоците од временската серија од 2013 до 2019 година.

„Финансиските сметки се значајна аналитичка алатка за согледување на финансиското однесување на секој сектор како должник или кредитор, за финансиските врски во националната економија, структурата и улогата на финансискиот систем и главните канали за стекнување и инвестирање финансиски средства во националната економија. Заради тоа, финансиските сметки се важен извор на информации за носителите на економските политики.“ – посочи Бојчева-Терзијан.

Како што беше истакнато на е-настанот, изработката на годишните секторски финансиски сметки од страна на Народната банка е основа и за дополнителни показатели во рамките на највисокиот статистички стандард на ММФ за дисеминација на податоци – СДДС плус, како и за сетот показатели во рамките на процедурата за макроекономски нерамнотежи на ЕУ. Податоците и методолошките објаснувања се достапни на веб-страницата на Народната банка, а во тек се развојни активности за изготвување и годишни финансиски сметки – текови и квартални финансиски сметки – состојби и текови.

Серијалот е-работилници за новинарите, организиран од Народната банка, започна во јули минатата година. На е-работилниците е предвидено да се обработуваат актуелни теми и да се разгледуваат различни прашања значајни за точното, целосно и навремено информирање на јавноста за податоците и информациите коишто произлегуваат од централнобанкарското работење во земјата. Оваа година се планира одржување по една работилница најмалку во текот на секој квартал од годината. Со овие активности, Народната банка ги потврдува заложбите за јакнење на својата транспарентност и унапредување на комуникацијата со јавноста.