• 11.04.2021 11:35

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Нетанјаху: Збогатувањето на ураниумoт е доказ дека Иран тежнее кон нуклеарно оружје

ByJane Jancheski

Jan 4, 2021

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека збогатувањето на ураниумот до 20 проценти од страна на Иран е потег што го крши нуклеарниот договор со големите сили од 2015 година и дека докажува оти Иран развива нуклеарно оружје, објавија израелските медиуми.

„Одлуката на Иран да продолжи со кршење на своите обврски, да го зголеми збогатувањето и да промовира подземни објекти за индустриско збогатување на ураниумот не може да се објасни на кој било друг начин, освен со желбата да продолжи со остварување на целта за развој на воена нуклеарна програма“, рече израелскиот водач, кој се противеше на споменатиот договор. Нетанјаху посочи дека Израел, кој има своја програма за нуклеарно оружје, а чие постоење израелските водачи никогаш не го потврдиле или негирале, нема да дозволи Иран да произведува нуклеарно оружје.

Иран почна да збогатува ураниум до 20 проценти во подземен објект, изјави портпаролот на иранската влада Али Рабиеи за новинската агенција Мехр и дополни дека процесот почнал во подземниот објект Фордо во близина на Ком.

Иранските власти на 31 декември ја известија Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) дека планираат да произведат збогатен ураниум до 20 проценти, што е значително над прагот дозволен според договорот за иранската нуклеарна програма од 2015 година.

Иранскиот парламент неодамна донесе одлука за зголемување на нивото на збогатување ураниум по убиството на иранскиот физичар Мохсен Фахризадех. Иран се сомнева дека Израел стои зад убиството на научникот