• 25.06.2021 04:22

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Никола Јонков Вапцаров – „Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза.“

BySarissa Editor

Dec 7, 2020

Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза“, ова е позната мисла на македонскиот поет Никола Јонков Вапцаров кажана во „Реферат“ напишан за основачкото собрание на Македонскиот литературен кружок во 1938 година.

Вапцаров е роден во Банско, Пиринска Македонија на денешен ден (7 декември) во 1909 година, во протестантско семејство кое било посветено на македонското ослободително движење. Татко му, Јонко (Иван) уште за време на турското владеење учествувал во револуционерното движење, а неговата мајка, Елена Вапцарова (Везјова) била учителка која неколку години се школувала во американскиот колеџ во Самоков. Така, неговите родители му всадиле љубов кон татковината Македонија, луѓето и книгата. Неговата поезија е изразито патриотска, социјална, револуционерна и хуманистичка.

Вапцаров кој се смета за „најсилен поетски талент меѓу Македонците кои твореле на други јазици, освен на македонскиот“ недвосмислено кажувал дека е Македонец. Тоа го пишувал и во своите песни „Земја“, „Илинденска“ во познатиот „Реферат“. Никола Јонков Вапцаров творел на бугарски јазик, но во неговата единствена стихозбирка со наслов „Моторни песни“ која содржи 20 песни, посебно во песната „Земја“ најотворено ја изразува својата национална припадност и пишува за својата татковина Македонија.

Вапцаров е еден од организаторите на „Македонскиот литратурен кружок“ во Софија, а од членовите бил сметан за „срж“ на кружокот. 1940 година ја издал својата прва и последна поетска збирка „Моторни песни“, која содржи 20 песни, каде посебно во песната „Земја“ најотворено ја изразува својата национална припадност и пишува за својата татковина Македонија. Оваа збирка ја издава со сопствени средства и само под името Никола Јонков. Тој бил еден од создавачите на списанието „Литературен критик“ кое трпело неколкукратни цензури, а набрзо билo забранетo.

Поради своите антифашистички активности и диверзантски акции Никола бил постојано следен и затворан. Бил интерниран три месеци во Годеч. По враќањето неговите активности уште повеќе се засилуваат. Станал еден од првите помошници на полковникот на советската армија Цветан Радојнов и работел активно како член на Бугарскта комунистичка партија.

И така сѐ до 4 март 1942 година, кога полицијата го затвора. Бил подложен на жестоки измачувања и заедно со Антон Попов, член на Македонскиот литературен кружок, бил осуден на смрт без право на жалба, од страна на фашистичкиот воен суд.

На 23 јули 1942 година во 21 часот и 10 минути, заедно со петмина свои другари е стрелан.