• 20.04.2021 23:19

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Новата левичарска влада во Боливија ги апси претставниците на поранешната претседателка Анјес

Bysrs-editor

Mar 13, 2021

Поранешната привремена претседателка на Боливија, Дјанине Анјес изјави дека за неа е издаден налог за апсење под обвинение за тероризам и бунт, додека обвинителите поведуваат постапка против службениците на нејзината влада кои го поддржаа соборувањето на поранешниот шеф на државата Евo Моралес.

Партијата на Моралес, Движењe за социјализам, која во меѓувреме се врати на власт, смета дека неговото соборување во ноември 2019 година е државен удар.

Анјес, која ја предводеше конзервативната влада по падот на Моралес, рече дека „започнал политички прогон“ и дека владејачкото Движење за социјализам „решило да се врати на диктаторскиот стил“.

Властите пред два дена издадоа налози за апсење на поранешни началници на армијата и полицијата, кои за време на демонстрациите против Моралес го повикаа тогашниот претседател да си даде оставка.

Министерот за правда за време на владата на Анјес, Алваро Коимбра, изјави дека е издаден налог за негово апсење и дека е уапсен еден од неговите поранешни заменици.

Моралес (61) беше претседател на Боливија скоро 14 години, а тој поднесе оставка на 10 ноември 2019 година, откако полицијата и армијата му откажаа послушност по масовните протести на граѓаните во кои загинаа најмалку 36 лица.

Протестите избувнаа откако Моралес прогласи победа на претседателските избори на 20 октомври, на кои имало неправилности и на кои според уставот немал право да се кандидира.

Моралес негираше дека во 2019 година имало изборна кражба и своето заминување од власта го нарече државен удар.

Тогаш се засолни во Мексико, а потоа во Аргентина и се врати во Боливија кога неговото Движење за социјализам, предводено од Луис Арс, победи на општите избори во октомври 2020 година.