• 31.07.2021 17:40

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Објавена методологијата за пописот во април, опозицијата бара да се одложи за на пролет 2022

BySarissa Editor

Feb 6, 2021

– Државниот завод за статистика вчера ја објави Методологијата за подготовка, организација и спроведување на пописот во април. Пописот ќе се спроведе преку комбиниран метод, а според надлежните секој што ќе одбие да учествува во пописот си прави штета на себе и на граѓаните. Опозицијата, пак, бара попис во март или април следната година, тврдејќи дека овој попис сега би бил политичка операција со „договорени проценти“.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски ги повика граѓаните да ја сфатат сериозно оваа статистичка операција и оти тоа е исклучиво за креирање политики во интерес на граѓаните, но и да даваат веродостојни информации. Пописот ќе се спроведува преку комбиниран метод, а целта е да се овозможи високо ниво на квалитет на податоците. Предноста на комбинираниот метод, според Симовски, е во намалување на потребното време за прибирање на податоците, намалување на трошоците за пописната операција и намалување на потребното време за обработка на податоците.
Со овој метод ќе се користат и претпописни бази на податоци од МВР, МИОА, Агенцијата за вработување, МОН, МТСП, Агенцијата за катастар и други државни институции. Симовски е дециден дека каков било бојкот или одбивање на давање податоци е само на штета на граѓаните. Со пописот се опфаќаат лица, домаќинства и станови. Лицата како единици во пописот што не се опфаќаат со оваа операција се дипломатскиот персонал на странските конзуларни претставништва, како и членовите на нивните семејства, странскиот воен персонал, и членовите на нивните семејства лоцирани во РСМ, како и членовите и претставниците на меѓународните организации и заедници кои во моментот на пописот престојуваат во РСМ, странци кои се на службен пат во земјава, на одмор или лекување, странски државјани кои поради работа или школување дневно ја поминуваат државната граница… Пописот нема да ги опфати празните станови во зградите во кои уште не е дозволено вселување, објектите што не се користат за сместување на земјоделски орудија и алатки, како и колективните станови во кои не живее ниту едно индивидуално домаќинство. Со пописот ќе се добијат податоци за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население и вкупно попишано население.

Резиденти се оние државјани со место на живеење во земјава, без оглед на тоа дали во моментот на пописот тие се наоѓаат во местото на живеење или на друго место во државата. Резиденти се и лицата странци кои престојуваат во земјава подолго од 12 месеци, а истото важи и за македонските државјани кои во времето на пописот живеат во странство помалку од 12 месеци. Во оваа категорија спаѓаат и бегалците кои се присутни во земјава подолго од една година. Под нерезидентно население спаѓаат жителите на државата кои поради работа или поради друга причина се во странство повеќе од една година. Нерезидентни се и лицата странци кои престојуваат во државата до 12 месеци со одобрение за привремен престој. Според Методологијата, дијаспората ќе се попишува еден месец пред започнувањето на пописот, односно преку апликација што ќе биде во функција од 1 март па се до завршување на пописот до 21 април. Преку оваа апликација ќе се попишуваат лица само што се надвор од државата и тоа со посебни процедури и критериуми.

– Лицата што се наоѓаат во странство, независно од должината на нивниот престој, има посебно апликативно решение што ќе биде поврзано со нашата веб страница, каде што ќе можат самите да ги дадат податоците за себе. Значи ова е главниот начин за податоци што сакаме да ги собереме од овие лица, подвлече Симовски вчера на прес-конференцијата. Исто така, постои и можност лица кои се во земјата да дадат податоци за лица за кои знаат дека се наоѓаат во странство и за кои ги знаат сите потребни податоци. Во пописот ќе учествуваат Државниот завод за статистика, Советот за статистика, Комисиите за пописни реони, а ќе има и 150 државни инструктори, 500 реонски инструктори и најмалку 5500 реонски попишувачи. Поради пандемијата со коронавирусот, надлежните уверуваат дека сите протоколи за заштита ќе бидат применувани за време на пописот. Собранието на 21 јануари го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во Република Северна Македонија, според кој пописот треба да се спроведе од 1 до 21 април годинава. Законот гарантира одржување попис според меѓународните стандарди и стандардите на Евростат.

Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, пописот треба да се спроведе пролетта во 2022 година. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски вчера изјави дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не бил за бојкот на пописот, но според него, ова ќе биде политички попис, политичка операција со „договорени проценти“, а не статистичка операција. -Нашиот став е јасен. Попис треба да има пролетта во 2022 година, во март или април. До тогаш ќе имаме фингер принт терминали кои веќе ќе бидат искористени на локалните избори. Доколку сега сакаат, имаат можност да направат електронски попис со точност од 5 отсто, односно да попишат 95 отсто од населението, а само 5 отсто да го посетат, изјави вчера Мицкоски. Тој потенцира дека ставот на нивната партијата е здравјето на граѓаните пред се, апелираше на разум, „да не се загрозува здравјето на граѓаните, да има одложување на пописот или, пак, електронски попис, како и дека треба време за да обучат и попишувачите“.

Од владејачката СДСМ бараат сите граѓани и политички партии да дадат придонес за пописот, за државата да добие прецизни и целосни податоци. Тие уверуваат дека успешно реализираниот попис ќе донесе прецизни, целосни податоци за демографската, социјалната, образовната, верска и национална структура на населението и ќе обезбеди релевантни податоци и насоки за тоа како треба да се движи економијата, образованието, социјалната политика, детската заштита… Тврдат дека Законот за попис на населението гарантира спроведување на оваа статистичка операција по сите меѓународни пракси и стандарди, од страна Државниот завод за статистика, кој има капацитет и подготвеност да спроведе успешен попис, по 19 години. И министерот за надворешни работи Бујар Османи е на ставот дека пописот е во интерес на сите нас. Според него, треба да се направи се што треба за пописот да биде успешен, да бидат резултатите такви какви што се, да има прецизна рефлексија на демократската реалност со сите карактеристики и атрибути и тие да бидат прифатени, односно секој да им верува. -Многу е важно во мултиетничко општество граѓаните и заедниците да веруваат во тие резултати. Овој процес е сензитивен со сериозни последици по државата доколку во него се нема доверба или пак доколку е лажиран. Затоа, не треба апсолутно да се плашиме да ги имплементираме сите механизми кои ќе гарантираат вистинитост на разултатите, квалитет на резултатите и доверба на граѓаните кон резултатите, посочи синоќа министерот Османи.