• 31.07.2021 17:05

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Од утре започнува Божиќниот пост

Byurednik

Nov 27, 2020

За православните верници од утре, 28 ноември, настапува благословеното време на Божиќниот пост, кој секогаш започнува 40 дена пред Рождеството Христово. Како што се сеќаваме, пред да стапне во Ветената земја, еврејскиот народ скиташе 40 години низ пустината. Така и Светата Црква нè води низ 40 дневната пустина на постот и потоа го обележуваме Христовото Рождество.

По Божиќниот 40 дневен пост следи Големиот пост, потоа  Петровиот, а по него Богородичниот.

Божиќниот пост е востановен за да можеме ние, во пресрет на Рождеството Христово, да се очистиме себеси со покајание, молитва и пост, и со чисти срца, душа и тело да Го пресретнеме Синот Божји што се јави во светот, принесувајќи Му го, наместо обични дарови и жртви, нашето чисто срце и желба за почитување и ширење на Неговото учење.

Постот го изострува нашиот духовен слух, нè прави повосприемливи. Како е тоа можно? Како физичкото ограничување на храната може да влијае на нашиот духовен слух, на нашата духовна состојба? Да, тоа директно влијае, бидејќи човекот не е само душа и не е само тело. Човекот е душа и тело во исто време. И состојбата на телото влијае на состојбата на душата. И обратно.

Постои таква поговорка: „Полниот стомак е глув за учење”. Ако сме глуви за учeњето, тогаш дотолку повеќе за молитвата. Кога некој човек е презаситен, дури му е тешко да дише, а уште помалку да се моли. И кога Црквата зборува за постот, таа во предвид го има не само физичкиот пост, туку и духовниот. Што е духовен пост? Тоа исто така е воздржување, но не во храна, туку во мисловно дејствување. Кога некој човек се труди да се ограничи во мислите од забавен карактер.

Вистинскиот пост е поврзан со молитва, покајание, со воздржание од страстите и пороците, со искоренување на лошите дела, простување на навредите и вежбање во добродетелта.

Се разбира, не треба да се мисли дека спазувањето на постот автоматски ќе го обезбеди спасението. Кај некои конфесии сè е едноставно: колку постиш, толку моли се, толку добри дела направи и спасението ти е обезбедено. Но, ние треба да сфатиме дека нашите напори и стремежи не се доволни за исцеление на човечката природа од гревот. И ова исцеление не може да се заработи за целиот живот. Тоа може да се прифати само како Дар  Божји.

Имаше таков случај. Во наполеоновата армија, еден војник бил осуден на смрт за дезертерство. Овој војник бил единствен син на мајката. Кога мајката дознала за казната, дошла кај Наполеон, паднала пред неговите нозе и почнала да го моли да го поштеди нејзиниот син. Таа рекла: „Ве молам, не убивајте го мојот син. Тој е мој единствен. Заради Бога, не му го одземајте животот!” Наполеон одговорил: „Твојот син не заслужува милост”. И тогаш жената кажала неверојатни зборови: „Да, знам. Но, милост не заслужуваат, милост докажуваат”. Така и ние. Ние добиваме спасение не затоа што го заслужуваме и не затоа што сме го заработиле, туку затоа што Господ посакал да нè награди со овој дар на вечен живот. Овој подарок е купен по огромна цена: со цената на животот, смртта и воскресението на Синот Божји. А постот ни помага да го примиме овој дар. Постот ги држи нашето тело и душа во духовен дијапазон. А главната поента на постот е да го настрои целиот човек за примање на Божјата благодат, за прифаќање на спасението.

Нека се од Бога благословени Божиќните пости и нека бидат за здравје и спасение!