• 31.07.2021 15:33

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Орбан: Фидес ќе ја напушти Европската народна партија пред суспензијата

BySarissa Editor

Mar 1, 2021

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека неговата партија Фидес ќе ја напушти Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент, наместо да ја прифати суспензијата која најверојатно, ќе биде донесена в среда.

Според бриселски „Политико“, Орбан во писмото до претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, изјавил дека Фидес ќе ја напушти групата доколку во среда бидат прифатени новите одредби.

Минатата недела, Вебер и другите лидери на партиите во ЕПП се согласија за нови правила за суспензија што ќе им овозможи да казнат цела партија-членка, а не само еден член.

Фидес веќе е суспендиран од членството од март 2019 година, но неговите членови сè уште учествуваат во работата на ЕПП во Европскиот парламент.

Унгарската министерка за семејство и потпретседателка на Фидес, Каталин Новак обвини некои членови на ЕПП за вклучување во „неприфатливи“ борби во време кога „Европа се бори да спаси животи“ и ги обвини лидерите на ЕПП за промена на правилата со цел „протерување“ на членовите на Фидес.

Потпретседателот на ЕП и член на ЕПП, Отмар Карас од Австрија изјави дека групата нема да се потчини на притисокот на Орбан и нема да му дозволи да ги „уценува“.

– ЕПП ќе продолжи со планираните измени на правилата, рече тој.

Доколку Фидес ја напушти ЕПП, таа ќе остане најголемата фракција во Европскиот парламент, а во моментов групата брои 187 од 705 европратеници.