• 22.04.2021 01:19

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Партијата на Борисов ја зацементира блокадата на Македонија во предизборната програма

Bysrs-editor

Mar 18, 2021

Партијата на Бојко Борисов, ГЕРБ, во предизборната програма со која ќе се трка во април за нов четиригодишен мандат, ја зацементира позицијата кон спорот со Македонија. Ваквата политика ГЕРБ, што ја озаглави како „нова страница во надворешната политика на земјата“, ја наброи во успесите од претходниот мандат, најавувајќи дека ќе ја поддржи евроинтеграцијата на нашата држава, но ќе инсистира на исполнување на Договорот за добрососедство од 2017 година и на запирање на говорот на омраза.

Притоа навести можен предуслов и за поддршка кон Албанија – правата на булгарското малцинство во таа држава, што преведено од политички речник значи дека Тирана ќе треба да ја прифати политиката на Софија кон Македонците во таа држава.

„Интересот на Бугарија е да сме обиколени од безбедни, просперитетни и добронамерни држави. ГЕРБ ја поддржува евроинтеграцијата на сите шест земји од Западен Балкан. Ја поддржуваме и Република Македонија околу членството во ЕУ и настојуваме да се испочитуваат Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година и запирањето на говорот на омразата. Нашата заедничка историја треба да нѐ обединува, а не да нѐ разделува. За нас е важно европскиот пат на Албанија да минува преку гарантирањето на правата и на интересите на булгарското малцинство“, стои во програмата на ГЕРБ која е штотуку објавена.

Притоа има ред фалби како Бугарија ја вратила евроинтеграцијата на земјите од регионот на агендата на Европската унија, како добила признанија за тоа, како станала фактор во креирањето на надворешната политика на ЕУ и како се докажала кон нас  како „добронамерна, но со тврди позиции и дејствија, не прифаќајќи го јазикот на омразата и фалсификувањето на историската вистина“, со порака на крај  дека поддршката на евроинтеграцијата ќе зависи од исполнувањето на индивидуалните критериуми на сите земји во регионот, вклучувајќи ги добрососедските односи.