• 16.05.2021 18:54

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Пентагон: Американската поддршка за Израел е трајна и непоколеблива

Првиот човек на Пентагон, министерот Лојд Остин, од Тел Авив ја изрази силната американска поддршка за Израел, во период на нагласената политичка нестабилност во земјата и обидите на Вашингтон да ги продолжи преговорите за нуклеарниот договор со Иран.

На заедничката прес-конференција со израелскиот колега, министерот за одбрана, Бени Ганц, шефот на Пентагон кажа дека посветеноста на САД кон Израел е „трајна и непоколеблива“, иако притоа не го спомена Иран.

Ганц, од своја страна, изјави дека Израел во САД гледаат „целосен партнер“ во борбата против заканите, „особено од Иран“.

Посетата на шефот на Пентагон е важна затоа што тоа е прва посета на Израел на член на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден од неговата инаугурација на 20 јануари.

Остин е во Тел Авив во многу тензичен период, по четвртите парламентарни избори во Израел во претходните две години. Премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој има бројни противници, минатата недела доби мандат да формира нова влада, но тој се соочува со тешка задача.

Посетата е организирана во време на зголемената израелска загриженост заради напорите на администрацијата на Бајден да се договори со Иран за враќање во рамките на меѓународниот нуклеарен договор со големите сили од 2015 година.

Коинциденција или не, но Остин во Израел пристигна непосредно откако Иран соопшти дека има прекин во електричната енергија во нуклеарниот комплекс Натанц. Инцидентот, што Иран го опиша како акт на „нуклеарен тероризам“, се случи неколку часа откако беа пуштени нови центрифуги во комплексот, што овозможуваат побрзо збогатување на ураниум.

Повеќе израелски медиуми соопштија дека Натанц останал во темнина поради хакерски напад што предизвикал штета на централата со чувствителните центрифуги.