• 25.06.2021 08:59

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Почнува 11. Филозофски филмски фестивал

Почнува 11. Филозофски филмски фестивал

Скопје, 27 мај 2021 (МИА) – Со џез концерт на отворено и еден од најголемите класици на немиот филм „Толпата“ (THE CROWD) вечерва, со почеток од 20 часот, во летното кино „Мирно лето“, стартува 11-тото издание на Филозофскиот филмски фестивал.

-Вљубениците на добриот звук ќе имаат можност, од 20 часот,  да уживаат во музичкиот  перформанс на YORDAN KOSTOV QUINTET, маркантна и сонично флуентна екипа на млади, но беспрекорно талентирани музичари, велат организаторите.

Тие појаснуваат дека Јордан Костов е светски реномиран, македонски џез хармоникаш и мулти-инструменталист, кој со неговиот квинтет во кој партиципираат Андреа Мирческа, Филип Букршлиев, Дамјан Грујо и Драган Теодосие, поголемиот дел од времето го минува патувајќи, компонирајќи и соработувајќи со голем број музичари од светот.

По музичкиот перформанс, кој свечено ќе го одбележи отворањето на Фестивалот, следува и стартот на Ревијалната програма: Филм-Филозофија со проекцијата на ремек-делото „Толпата“ (THE CROWD) на Кинг Видор од 1928-та година.

– На рефлексија кон маестралното дело, посетителите ќе ги испровоцира проф. д-р Доминик Шато (Dominique Chateau) од Франција, кој ќе има онлајн излагање со анализа на филмот по проекцијата. Проф. д-р Доминик Шато (Dominique Chateau) е професор емеритус на Сорбона во Париз, чии потесни подрачја на истражување и интерес се естетиката, семиотиката, филозофијата на уметноста и медија студиите, особено филмот. Неговото учество се реализира во соработка со Францускиот институт во Скопје, информираат од Филозофскиот филмски фестивал.

Фестивалот ќе се одржи со почитување на мерките за заштита.