• 15.04.2021 08:40

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

По САД, и Русија се повлекува од Договорот за отворено небо

BySarissa Editor

Jan 16, 2021

Русија ја почна процедури за повлекување од Договорот за отворено небо, објави руското Министерство за надворешни работи.

Според руските медиуми, процедурите за повлекување на Русија од Договорот се иницираат поради фактот што нема напредок во отстранување на пречките за продолжување на договорот во новите услови.

Договорот за отворено небо беше потпишан во 1992 година и е на сила од 2002 година, а со него на земјите членки им се овозможува отворено да собираат информации за воената сила и за активностите на другите членки. До неодамна 34 држави беа потписнички на Договорот, а кон крајот на мај минатата година, американскиот претседател Доналд Трамп унилатерално објави дека Вашингтон се повлекува од Договорот. Како причина за таквата одлука САД го наведоа кршењето на договорот од страна на  Русија, но официјална Москва повеќепати ги негираше ваквите обвинувања. САД го завршија процесот на повлекување од Договорот за отворено небо на 22 ноември минатата година.

Русија изрази загриженост дека Соединетите Американски Држави, и покрај повлекувањето од договорот, и понатаму би можеле да имаат пристап до разузнавачките податоци за прелетувањата што ги собираат американските сојузници-потписници на договорот. Москва се обиде од другите земји потписнички да добие гаранции дека разузнавачките податоци нема да ги споделуваат со Вашингтон, но тие не ја уверија во тоа, пишува Комерсант.

Објавата на руското повлекување од Отворено небо би можела да се случи пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден на 20 јануари.