• 31.07.2021 15:30

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Првиот човек на израелската армија нареди сè да биде подготвено за можен напад на Иран

Началникот на Генералштабот на вооружените сили на Израел, Авив Кохави изјави синоќа дека наредил да се забрзаат подготовките за можна офанзивна акција против Иран.

Тој ја предупреди новата американска администрација предводена од претседателот Џо Бајден да не се враќа на нуклеарниот договор со Иран од 2015-та година. Израел остро се противи на договорот, а владата на Нетанјаху тврди дека таквиот договор не ги спречува Иранците да продолжат да развиваат нуклеарно оружје.

Само неколку часа пред Кохави за тоа да говори на Институтот за национални безбедносни студии, Иран го повика Бајден да ги врати САД во нуклеарниот договор, предупредувајќи дека Американците ќе ја немаат таа можност долго време.

Поради тоа, израелските лидери го поздравија повлекувањето на САД од тој договор во 2018-та година, одлука која беше донесена од сега веќе поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Кохави порача дека, имајќи ја во предвид заканата која ја претставува Исламската Република, израелската армија ќе биде подготвена да изврши напад доколку тоа биде потребно.

„Дадов инструкции на војската да подготви оперативни планови покрај постоечките. Водиме сметка за тие планови и ќе ги развиеме во наредната година. За нивното спроведување секако одлучуваат политичките лидери. Но, тие планови мора да бидат подготвени“, изјави командантот на израелската војска.

Израелските власти, вклучувајќи го и Кохави, велат дека Иран е во многу послаба позиција од 2015-та година поради санкциите кои ги воведе администрацијата на Доналд Трамп.

Израелците најмногу стравуваат од иранските ракети кои имаат домет од околу 2 илјади километри, што значи дека можат да нападнат мети на израелска територија.