• 15.04.2021 08:24

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Презвитер Тодоров: Тој дојде затоа што е љубов и живот!

BySarissa Editor

Jan 6, 2021

И ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој треба да владее во Израилот и чие потекло е од почетокот, од вечноста (Книга на пророкот Михеј. 5, 2)___Од година во година, веќе со векови, на 25 декември (според јулијанскиот или грегорјанскиот календар) милиони христијани си спомнуваат за настанот кој се случи во гратчето Витлеем (хебр – „Беит Лехем“, мак – Куќа на Лебот). Милиони пред своите очи ја имаат сликата на која праведниот Јосиф заштитнички стои над новороденчето и над Неговата пречиста мајка Марија (Мерјем или на јудео-арамејски – Мирјам). Милиони во оваа слика гледаат исполнување на вековните очекувања претскажани од еврејските пророците во периодот на Стариот Завет. Милиони гледаат надеж, одговор, пат, победа, разрешница, контакт , смисла. . .

Милиони и милиони низ вековите пред нас, но и во ова наше време, а и во времето по нас – додека времето не’ престане и додека вечноста не исполни се’ – во новороденчето што се роди таа ноќ во Витлеем гледаат Врата (Јован. 10, 9), гледаат Излез, Одговор, Ослободување,

Спасение од онаа состојба во која се најде човештвото откако отпадна, откако се отклони од она што Творецот му го подари, промисли и благослови. Милиони во Оној што се роди во Витлеем гледаат единствено решение за проблемот со злото, гревот, неправдата, духовната смрт, телесната смрт и сатанското ропство на излузијата и промашувањето.

Но кој е всушност Оној, кој заради нас и заради нашето ослободување, стана човек, беше новороденче и како незаштитено детенце, раѓајќи се во штала, се всели во историјата, влезе во времето на отпаднатото и со злото инфицирано човештво и на истото тоа човештво му вдахна толку силен духовен импулс – што по Него – веќе не е се исто – како што беше пред Него.

Светите книги на Стариот и Новиот Завет, светите пророци, праведници, маченици, учители на Црквата ни сведочат, и преку Откровение од Небесата (од трансцедентната состојба на егзистенција), но и преку своето лично духовно искуство, дека Творецот на се што постои – во сите нивоа на егзистенција, како духовни, така и материјални – е Еден и Единствен!

Ни сведочат дека Тој е Вечен, од ништо не’ условен, дека е над просторот и над сите пројави на времето, дека е Совршен, дека е Љубов, суштина на Добрината – затоа што Тој е Доброто, дека е наш Татко, зашто љубовта родителска од Него е создадена и благословена. И затоа што е Љубов – Тој е Творец, а Љубов е затоа што во вечноста Тој го љуби своето Слово (Логос/ Збор/ Смисла), својата пројава (Оној преку кого се јавува/ објавува), својот Син – затоа што Тој Е од истата божествена природа од која е и безпочетниот Татко, а го љуби и Оној преку кого живот – твори, Кој Е Дух на Светоста и на Вистината, Дух кој ги исполнува сите оние кои се едно (во љубовно живото – одржувачко единство) со Вечниот и единствениот Свет.

За Овој и Ваков Бог и Творец ни сведочат сите оние кои стапиле во контакт со Него. И Овој и Ваков Творец, кога се исполни времето за да се исполнат пророштвата на пророците од Стариот Завет, во овој наш свет се ОБЈАВИ/ СЕ ЈАВИ најдиректно преку тоа што во истиот го ИСПРАТИ своето Слово (Логос/ Збор/ Смисла), го испрати својот совечен Син – Кој преку Духот Свет и пречистатa девојка Марија – ја прими човечката природа и се роди како човек, како новороденче во Витлеем. И затоа Нему му пееjа со восхит ангелските сили: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра воља“ (Лука. 2, 14). И затоа ангел им посведочи на пастирите: „Еве, ви соопштувам ГОЛЕМА РАДОСТ, која ќе биде за СИТЕ ЛУЃЕ; зашто денес се РОДИ во градот Давидов СПАСИТЕЛ, МЕСИЈА (Христос/ Помазаник) и ГОСПОД (Господар/ Адонај/ Кириос)“ (Лука. 2, 10 – 11). Затоа Нему му се поклонија и најмудрите, кои до Него беа водени преку ѕвезда, и кои му дарија дарови како на Цар над сите цареви (Матеј. 2, 1 – 11). Ете кој се РОДИ во Витлеем, во градот на пророкот и кралот Давид. Ете, КОЈ е ОНОЈ кој како новороденче лежи во јаслите пред восхитените погледи на Јосиф и Марија, но и пред очите на несловесните животни кои го препознаа својот вистински Стопан. Ете зошто оваа слика истиот тој восхит го потикнува кај милиони и милиони. Ете зошто не’ се радуваат само срцата човечки туку и сета твар, сето создание – затоа што ОНОЈ преку Кого и за Кого е се создадено (Јован. 1, 1 – 18) – дојде како Ослободител од ропството на злото, смртта, незнаењето, неизвесноста, распадливоста. . . Од вечноста во времето влезе Оној кој е совечен со ВЕЧНИОТ, за нас – кои сме создадени за вечност – повторно да не приведе таму каде што е нашето вистинско место и состојба на постоење. Веќе две илјади години оваа СВЕТЛИНА – за живот во СВЕТЛИНА го повикува секое човечко битие (Јован. 3, 16 – 21) без при тоа да му ја нарушува слободата тоа да избере СЛОБОДНО. Веќе две илјади години оние што ја прифатија СВЕТЛИНАТА станаа свети, и во себе ја остварија онаа состојба на постоење за која не’ повикува единствениот Свет, Изворот на светоста, нашиот небесен Отец. Но, веќе две илјади години многумина се мачат барајќи компромис помеѓу Светлината и Темнината, многумина се мачат да му угодат и на Бога и Неговиот Месија, но и на интересите, страстите, заблудите и суетните игри на отпаднитиот свет – претвoрајќи си го и својот и животот на своите ближни во кошмар – затоа што не разбраа дека Светлината/Вистината нема ништо заедничко со Темнината/ Лагата.Месијата, Синот на живиот Бог, Словото Божјо, во овој свет не дојде, не се роди за во него да формира уште една од многуте религии или филозофско – идеолошки правци. Не дојде ни да ни даде некаква утеха во бесмисленоста, лажна надеж во изгубеноста… Не, Тој дојде, се роди, живееше, сведочеше, беше распнат и смрт телесна вкуси, воскресна и повторно животот го поврати, се вознесе кај својот вечен Отец, го испрати Духот на Светоста да биде Патеводител на Неговите ученици (Црква) и повторно ќе дојде на крајот на времето на овој свет како Судија на сето човештво, и на живите и мртвите – и сето тоа ТОЈ го направи, прави и ќе го прави затоа што е ЉУБОВ и ЖИВОТ и затоа што не сака никој да се загуби и да загине – туку сите да се спасат и стекнат вечно постоење во Владеењето (Царството) на Отецот и Синот и Светиот Дух. Тоа е смислата на раѓањето на Месијата како човек, тоа е смислата на сето она што Тој го прави за нас – и затоа Тој Е, заедно со Беспочетниот Отец и Животворниот Дух Свети, наша единставена Светлина во темнината, единствена Радост во тагата, единствена вистинска Надеж во овој свет во кој секоја лажна надеж се топи како што се топи восокот во допир со огнот.

Ваш брат и слуга, презвитер Ивица Тодоров