• 03.08.2021 19:56

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Претставување на конзервативни партии (1) – Конзервативна партија во Норвешка Høyre

BySarissa Editor

Jan 27, 2021

Конзервативната партија на Норвешка Høyre е формирана во 1884 година, веднаш по воспоставувањето на парламентарниот систем во Норвешка. За прв лидер на партијата е избран Емил Станг. Høyre е партија која од секогаш се залагала за политики кои стимулираат раст со цел да се намали невработеноста и да се подигне економската сила на државата со цел да се остварат неопходните општествени цели. Според партиската програма, економската сила е многу важен фактор во изградбата на адекватна здравствена и социјална нега, а преку ова и обезбедување на сигурноста и добросостојбата на граѓаните. Конзервативните политики кои ги применува оваа партија се насочени кон национален прогрес базиран врз христијанските културни вредности, демократијата и владеењето на правото, како и промоција на индивидуалната слобода и социјалната одговорност, и посветеност на националната и меѓународната соработка.

Највисокиот орган на партијата е Националниот Конгрес, кој се собира еднаш годишно, и кој ја усвојува партиската платформа, го избира партискиот лидер на секои две години, усвојува закони и дискутира главни партиски прашања. Второ тело по хиерарија е Централниот одбор, кој се сретнува најмалку седум пати годишно. Централниот одбор се состои од претставници од сите општини и од членовите на Извршниот Комитет. Извршниот комитет е надлежен за секојдневното функционирање на партијата, и се грижи за сите тековни политички, организациони и административни работи.

Партијата Høyre е членка на Интернационалната Демократска Унија и придружна членка на Европската народна партија. На парламентарните избори во 2017та година  Høyre освои 25 проценти од гласовите, со што доби 45 пратеници во норвешкиот Парламент. Моментален лидер на партијата е премиерката на Норвешка, Ерна Солберг.

Повеќе информации за оваа партија може да се најдат на официјалниот вебсајт на партијата.