• 25.06.2021 08:58

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Прифатен предлогот за референдум, Царовска смета дека се злоупотребуваат наставници, ученици и родители

Bysrs-editor

May 29, 2021

Референдумот е демократско право, но се злоупотребуваат наставници, ученици и родители, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска во врска со иницијативата за распишување референдум за Предлог-законот за дигитални учебници и наставни материјали во основното и средното образование иницирана од Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ во вестите за Сител.

Царовска негира дека одбива да дискутира со претставници од Граѓанската иницијатива. Тие бараа средба со претставници од Министерството и тоа се оствари. На таа средба имаше лице кое ги водеше забелешките, кои се нивните барања. За дигитализација речиси и да не се зборуваше. Се зборуваше за дигитална настава. Во суштина законот не ја регулира дигиталната настава, туку дигитални учебници и тоа само во едно одделение за да може да видиме мултимедијална содржина која ќе го олесни учењето. Од нивна страна имаа барања за родовите прашања да се тргнат од концепцијата, во суштина рамноправноста меѓу мажите и жените, објаснува Царовска, која потенцира дека исцрпени се сите можности за дискусија.

– Нивното барање за референдум, е секако, нивно демократско право. Но не смееме никогаш да заборавиме дека злоупотребата на ученици, наставници, родители за вакво критично прашање, е недозволива, потенцира Царовска.

Прифатен предлогот за референдум на иницијаторите

Двете собраниски комисии – за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија го прифатија предлогот на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ да се иницира референдум за граѓаните да се изјаснат за Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.

Тоа беше второ поднесување на предлогот во Собранието на групата родители кои не се согласуваат со новиот закон и целосна дигитализација на учебниците од четврто одделение. Првиот пат двете комисии не го прифатија предлогот зашто собраните потписи беа неуредно доставени, односно не беа во согласност со Законот за референдум.

Следно е претседателот на Собранието, Талат Џафери да го прифати предлогот и да може да почнат да ги соберат потребните 10 000 потписи за да се распише рефендум на ниво на целата држава.

Драгана Спасовска, претставничка на Граѓанската иницијатија, за МИА изјави дека очекува Џафери набргу да одговори и потоа тие ќе имаат рок од 30 дена да ги собираат потписите.

– Кога Државната изборна комисија ќе отвори избирачки единици, имаме рок од 30 дена да собереме 10 000 потписи. Потоа нив повторно ќе ги доставиме во Собранието за распишување референдум, рече Спасевска и додаде дека нема сомнеж оти ќе ги соберат 10-те илјади потписи што се потребни за да се организира непосредно изјаснување на граѓаните.

Спасевска на седниците на собраниските комисии денеска ги образложи причините за нивните барања и зошто сметаат дека најавените реформи не се во интерес на децата.