• 22.04.2021 01:08

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Регионалната безбедносна соработка во Индо-пацифичкиот регион по предлог на Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден и лидерите на Австралија, Индија и Јапонија одржаа видео состанок за да ја нагласат важноста на регионалната безбедносна соработка во Индо-пацифичкиот регион.

Денешниот состанок на групата земји, прв на ниво на лидери на држави, доаѓа во време кога администрацијата на Бајден става поголем акцент на тој регион пред растечката воена и економска моќ на Кина.

„Слободниот и отворен Индо-Пацифик е од суштинско значење за иднината на секој од нас“, рече Бајден на состанокот, додавајќи дека САД се посветени да работат со партнерите и сојузниците во регионот за да се постигне стабилност.

На Самитот учествуваа и премиерите на Јапонија, Австралија и Индија, Јошихиде Суга, Скот Морисон и Нарендра Моди.

„Кога владите ќе се соберат на највисоко ниво, тоа покажува целосно ново ниво на соработка за поставување нови темели за мир и стабилност во Индо-Пацификот“, изјави Морисон за медиумите.

Во пресрет на разговорите, висок американски претставник рече дека ќе има „чесна и отворена дискусија за улогата на Кина на светската сцена“, зборувајќи за „предизвиците на регионот“ кон слободна и отворена трговија.

Се очекува лидерите да објават план за проширување на капацитетите за производство на вакцини против коронавирус во Индија, нешто што го бара Њу Делхи за да се спротивстави на засилената кинеска „вакцинална дипломатија“.

Американски претставници рекоа дека земјите исто така ќе формираат група експерти кои ќе помогнат во дистрибуцијата на вакцините во регионот, како и работни групи за соработка за климатските промени, технолошките стандарди и заедничкиот развој на технологии.