• 31.07.2021 16:33

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Религијата е чувар на традициите, затоа што во неа постои духот на старите времиња

BySarissa Editor

Dec 18, 2020

На Конзервативниот караван „Конзервативизам – Народот како клучен столб на државата“, вчера вечер во Гостивар се обрати и Дамјан Петрески, кој зборуваше за религијата како чувар на традиционалните вредности.

Дел од неговите поенти:

Според јудео-христијанското предание, Бог на луѓето уште од почетокот им дава закони и норми кои доколку би ги спровеле (не сите!) во денешното општество би создале хармонично општество во кое ќе има напредок и убав живот за СИТЕ! Доколку ги земеме Десетте Божји Заповеди ќе увидиме дека првите четири[1] се со чисто верски карактер, но останатите шест[2] се заповеди кои имаат општоморална важност и нив треба да ги применуваат сите луѓе, без разлика на која вера, религија или група припаѓаат.

Во современото и ,,модерно” општество, кое за жал сѐ повеќе и повеќе станува богоборно, сведоци сме на ужасни призори низ целиот свет. Луѓето се станати злобни, дотолку што ги намразуваат и своите најблиски и им прават зло. Станати сме полоши и од самиот сатана, насекаде околу нас убиства, војни, глад, болка и мака… За да сфатиме дека е тоа лошо не е потребно да сме религиозни, едноставно потребна е трошка човечност во нас. Зарем ја загубивме човечноста!? Човекот е создаден добар, но поради отстапувањето од законот Божји и од добрите вредности, станува злобен и способен за секакви зли дела. Прифаќање на разни ,,модерни” нешта, а отстапување од традициите, нѐ водат кон пропаст. Ова не значи дека треба да се вратиме неколку векови наназад, ние треба да сме во чекор со времето, треба да се ползуваме со благодетите на нашето време, но не ние ним да им бидеме робови, туку тие нам да нѝ служат. Ние луѓето денеска многу наликуваме на царот Ахав*, заблудени од слатките зборови на лукавиот забораваме на Вистинскиот Бог и служиме на разни лажни богови.Робови сме на технологијата,која сама по себе не лоша,но зависи од начинот на кој ние ракуваме со нејзе,наместо да го шириме словото Божјо, а со тоа да шириме љубов, ние со помош на технологијата и интернетот го шириме словото на лукавиот, шириме омраза, гнев и лутина.

 Религијата општо, а и Христијанството на овие простори секогаш е тој аголен камен кој го држи нашето општество. Иако постојат многу сведоштва за тоа кога великодостојниците на една религија, имајќи ја на ум само својата придобивка (материјална) биле причина за пропаста на едно општество и за моралното опаѓање на луѓето од истото општество. Како што во секое жито има какол, така е и во религиозниот свет. Но и покрај тие негативни примери, ние самите сме сведоци како религијата, црквата била духовен и културен центар. Училишните општини во православните храмови, но и во католичките и протестантските, се заслужни за одржувањето на писменоста кај народот во услови на ропство и гонење од страна на поробувачите. Револуционерното движење и слободарската мисла биле тесно поврзани со верата и религиозноста, без разлика дали станувало збор за православни, католици*, протестанти, евреи или муслимани, верата во Бог ги охрабрувала и поттикнувала да се борат за слобода.

Во денешново време и општество, кога за жал таа силна вера на предците е многу ослабена и кога ние го изгонуваме Бог од нашите животи гледаме како општеството се распаѓа. Луѓето почнуваат да следат разни идеологии кои само ги водат кон пропаст и погибел. Тие идеологии проповедаат работи од кои на секој човек зо нормално и здраво размислување му предизвикуваат гадење и најлошото од сѐ истите ни ги прикажуваат како нормални. Во целата оваа темнина Конзервативизмот се јавува како ѕвезда водилка која нѐ води кон Светлоста и Вистината. Конзервативизмот е главна одлика токму и во Црквата, зашто едно од својствата на Црквата е нејзиното нееволуирање во областа на догмите, кои се наоѓале уште во првоначалното Откровение. Светите Отци на Соборите не внесле ништо ново во обидите на објаснување на догмите, туку само ги откривале, зачувале, одржале и појасниле. Таа е чувар на традициите и во Неа постои духот на старите времиња, но тоа не значи дека Црквата е против напредокот, Нејзината цел не е да го попречува   движењето напред и нагоре, туку да го попречува движењето назад и надолу – кон хаотична темнина и враќање до примитивната состојба.


Целиот свет поминува низ едно огромно искушение, тоа е корона вирусот, кој за жал не ги одмина ниту оние кои се верници, ниту пак оние кои се атеисти. Сведоци сме на голем број заразени и починати луѓе, луѓе, а не бројки, тие се нечије семејство, нечије сѐ. Меѓу верниците се појавија одредена група на лажни зилоти, кои се во прелест, дотолку што не ги прифаќаат ниту советите на свештените лица, нарекувајќи ги безверни и слуги на сатаната. Велат дека носењето маски е нешто кое е против Бог, но напротив, ако е тоа начин да се заштитиме себеси, а со тоа и сите останати луѓе, тогаш тоа е приказ на љубов кон ближните, а тоа му е угодно на Бога. Корона вирусот ја прикажа и трулежноста на современото општество, покажа колку ние луѓето сме себични и егоцентрични. Од една страна се оние кои не сакаат да почитуваат никакви мерки, а со тоа свесно го загрозуваат здравјето на сите луѓе околу нив. Од друга страна пак ги имаме оние лажни душегрижници кои слепо следејќи сѐ што ќе чујат на телевизија го уништуваат и тоа малку човечност што преостана во нас. За крај би сакал да кажам дека не треба да се плашиме, Бог е со нас, а ако е Бог со нас кој ќе е против нас? (Рим. 31,8).