• 04.08.2021 10:26

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Русија, БиХ и НАТО

Русија ја предупреди Босна и Херцеговина дека нејзиното конкретно приближување на членството во НАТО би претставувало „групирање на една страна“ во сегашната руска конфронтација со Западот и чин на непријателство кон Русија, што нужно би предизвикало последици.

„Русија во случај на практично приближување на БиХ и НАТО ќе биде присилена да реагира на тој непријателски чекор“, се наведува во изјавата на руската амбасада која ја пренесе порталот на Телевизијата на Република Српска (РТРС).

Властите во Република Српска упорно се обидуваат да го блокираат приближувањето на БиХ на Северноатлантската алијанса.

Сегашниот претседател на Претседателството на БиХ Милорад Додик постојано отворено искажува противење кон членството на НАТО и бара во односот кон воениот пакт БиХ стриктно да ја следи политиката на Србија.

Како што објави РТРС, ненадејната реакција на амбасадата на Русија во Сараево на расправата за врските меѓу БиХ и НАТО следи како одговор на „бројните публикации кои ги фалат предностите на членството на БИХ во НАТО’.

Руското објаснување е дека ширењето на НАТО на исток всушност никому не му носи никаква корист бидејќи само ја одржува категоријата „држави на првата линија на фронтот“, па ѝ препорачуваат на БиХ да размисли за тоа.

„Спротивно на нашите западни партнери, ние не наметнуваме избор на надворешнополитички приоритети, но истовремено ги повикуваме пријатели во БиХ добро да размислат, да ги измерат сите „за“ и „против“ и да го земат предвид мислењето на сите жители на земјата кои се далеку од консензус за ова прашање“, се наведува во руската изјава.