• 15.04.2021 08:19

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Серијалот за деца на Ју Несбе првпат на македонски јазик

Издавачката куќа „Паблишер“ ја објави „Доктор Проктор и големата кражба на злато“ од Ју Несбе, во рамки на едицијата „Приказни што нè обединуваат“, поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

– Проктор е забавен и смешен лик од едицијата книги „Доктор Проктор“ на најпознатиот современ норвешки автор на трилери Ју Несбе, кој со овој серијал влегува во светот на децата, а децата влегуваат во Прокторовиот свет. Тој свет е полн со необични авантури, хумор и духовити дијалози, чудни и чудесни ликови. „Доктор Проктор и големата кражба на злато“ е роман со возбудливи и навидум апсурдни авантури полни со волшепства. Проктор е забавен и оригинален доктор кој измислува чудни предмети, напивки и прашоци за необични цели…, соопшти издавачот на книгата која на македонски е објавена во превод на Искра Бадева.

Ју Несбе е современ норвешки писател, музичар, економист. Се смета за водечки автор на криминалистички романи и трилери во Европа. Најпознат е по серијата трилери за детективот Хари Хуле, преведени на четириесетина јазици и продадени во над 23 милиони примероци. Најпознати му се романите „Човекот лилјак“, „Ѓаволовата ѕвезда“, „Одмазда“, „Соломоновиот знак“, „Снешко“, како и серијата романи за деца и млади „Доктор Проктор“ за која има награда на Асоцијацијата на норвешките критичари за најдобар роман за деца и млади за 2010 година.