• 30.07.2021 07:57

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Серијал на Лејла Рајкова (прв дел): Појавата на политичките партии

Bysrs-editor

Mar 30, 2021

Појавата на политичките партии се поврзува со човековата историја. Политичките партии се појавуваат во сите видови на владеења во најразлични облици трансформирајќи се, менувајќи го обликот , начинот на функционирање и создавање , но сепак задржани до ден денеска, како битен елемент во функционирањето на едно современо општество.

Тие се појавуваат уште во првобитната заедница кога постоеле групирања околу племенските старешини, но тие се поизразени во античка Грција  и Рим. Политичките борби меѓу земјоделската и трговската струја во Атина, меѓу Филип и Александар Македонски, од една страна и од друга страна Филипики на Демостен, исто така и политичките борби меѓу Цезар и Помпеја или Антониј и Oктавијан. Плутарх сметал дека за учество во политичките борби неопходно е да се располага со економски претпоставки и таквата борба го дели општеството. Исто така и борбите во Средниот век оние меѓу Гвелфите и Гибелините, борбите меѓу латинската и народната партија во Хрватска  и други се борби меѓу политички партии. Појавата на политичките партии се смета дека има најголемо влијание во организирањето на Виговците и Ториевците во англискиот парламент. Облиците на политичките партии кои се сметаат за почеток на политичките партии се среќаваат пред големата револуција на Франција од 1789 година.

Појавата на вистинските политички партии се поврзува со појавата на институциите во парламентарната демократија. Развојот на политичките партии се поврзува со ширењето на избирачкото тело и со воведувањето на општото избирачко право на граѓанинот. Партиите настануваат како организации на пратеници во парламентот. Политичките партиии се сметаат за најважен спонтан социјален изум на деветнаесетиот век. Жан Блондел вели дека „политичките партии се од темелно значење за друштвото затоа што се тие главно средство со кое што се демонстрира политички конфликт. Тие тоа го прават на два начина и тоа: 1. Ги легализираат конфликтите и 2. Го ограничуваат притисокот на конфликт. Филип Лово вели дека „Претставничката демократија може да функционира само по пат на политичките партии, кои служат како трансмисиски каиш меѓу државата и граѓаните”. Овој автор дури го воведува поимот на „држава партија” како ознака на современиот демократски режим кој е спротивен на поимот „партиска држава” кое е обележје на еднопартискиот систем. Постојат многу дефиниции за политичките партии, суштинската разлика е во начинот на доаѓање на власт; комунистичките автори  сметале и си дозволувале насилно освојување на власта за разлика од нив пак граѓанските автори инсистираат на легален начин на доаѓање на власта по пат на избори.

Политичка партија е здружение на луѓе со исти политички цели и убедувања, кои се стремат да ја освојат државната власт за да ги остварат тие цели. Политиката на партијата често претставува агрегација на интересите во рамките на партијата, кои неизбежно варираат дури и помеѓу членовите на иста партија.

Односот кој меѓусебно го создаваат политичките партии е тоа што се нарекува партиски  систем. Денеска најприфатена класификација на партискиот систем е следната: 1.Еднопартиски систем 2. Двопартиски систем 3.Систем со доминантна партија 4. Повеќепартиски систем. Кај еднопартискиот систем една партија има монопол врз власта. Владејачката  партија ги контролира сите установи и се е под нивна контрола (тоталитаризам). Двопартискиот систем се карактеризира со постоење на повеќе партии, но само две поседуваат доволен кадровски и политички капацитет да ја освојат власта. Политичката партија која ќе победи на изборите може сама да владее затоа  што поседува поголем дел од Парламентот. Овие две партии се менуваат на власт и во опозиција како „влада во сенка”. Некои автори сметаат дека двопартискиот систем е последица на изборниот систем во кој победникот зема се (Канада, САД, Јамајка, Нов Зеланд, Австралија). Во систем со доминантна партија постојат повеќе партии кои што учествуваат во изборниот процес, но една партија подолг период се задржува на власт затоа што постојано ја добива довербата на граѓаните. На пример: Јапонија – Либерално-Демократска партија постојано била на власт 38 години од 1955-1993 година; Индија – Конгресната партија била стално на власт цели 30 години; Шведска – Социјадемократска работничка партија од 1951-1993 година била на власт; Италија – Xристијанскo-Демократска партија доминирала во сите влади после втората светска војна, се до 1992 година). Во повеќепартискиот систем во изборната трка учествуваат повеќе од две политички партии и сите учесници имаат реални шанси да ги добијат изборите и да ја добијат власта. Местата во владата се делат врз основа на изборниот резултат кој што го добиле политичките партии. Повеќепартискиот систем има свои добри и лоши страни. Добрите страни на повеќепартискиот систем се: се обезбедува контрола и рамнотежа во дејствувањето на владата и ги наведува учесниците на расправа, одстапување и компромис во нивното дејствување. Лошите страни на повеќепартискиот систем се: опасностите кои што произлегуваат од создавањето на непринципиелна коалиција и претераниот компромис доведува до надмоќ на политичкиот центар и до губење на јасната и доследна политика.

Политичките партии денеска се повеќе се борат само за гласови и за власт, а многу малку се грижат за идеологијата на политичката партија и вистинските интереси на граѓаните. Политичките партии во се поголема мера ја губат довербата од граѓаните и од нивните членови и со тоа избирачката апстиненција е во пораст. Политичките партии денеска исклучиво служат за партискиот лидер и партијата заработат што повеќе финансиски средства- партијата како машина за правење на пари.

Самиот поим на политичка партија, се одредува како релативно трајна доброволна организација на претставници од одредени социјални групи создадена за остварување на општи цели и интереси дефинирани во политичка програма, со воспоставени односи и организиран политички живот дефинирани во статутот, но пред се, со цел да се учествува на изборите и со нивна помош да се освои или да се влијае во вршењето на државната власт.