• 20.04.2021 18:42

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Сеќавање на Војдан Поп Георгиев Чернодрински, основоположник на македонското драмско творештво и театар

BySarissa Editor

Jan 8, 2021

Војдан Поп Георгиев Чернодрински (15 јануари 1875—8 јануари 1951) е основоположник на македонското драмско творештво и театар.

Чернодрински е роден во с. Селци, Дебарско. Учел гимазија во Солун, па во Софија, каде го основал гимназискиот литературен кружок „Македонски зговор“. Бил член и на „Младата македонска книжовна дружина“. Контактите со македонските емигранти влијаеле врз формирањето на неговата национално-револуционерна и социјалистичка свест. Во Грац и во Берн студирал правни науки, но не ги завршил.

По многу перипетии на сцената на Софискиот театар, на 7. ноември 1900 година,  успеал да ја постави драмата „Македонска крвава свадба“. Успехот на претставата го поттикнала тој да формира македонски театар.

На своето име си го додал псевдонимот Чернодрински и ја оформил драмската група „Скрб и утеха“ (1901), која подоцна прераснала во „Столичен македонски театар“ (1902) и патувал низ Бугарија, Србија и Македонија. Учествувал во Балканските војни и во Првата светска војна и го доживеал распарчувањето на Македонија. До крајот на животот живеел во Софија.

Тој е првиот македонски драмски автор во чии дела прозвучи мајчиниот, македонски јазик, и еден од основните критериуми за членство на актери во неговата драмска група било солидно познавање на македонскиот јазик. Сите негови драмски дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на македонците и борбата за слобода. Со своите текстови го бодрел и храбрел македонскиот народ. Во своите ставови за македонскиот идентитет и со своите залагања за организирање на востание за конечно ослободување на Македонија, здобил големи симпатии како од македонската, така и од странската јавност. Освен „Македонска крвава свадба“, тој ги напишал и едночинките: „Дрвари“, „Во меаната“, „Мајстори“; драмите: „Македонска емиграција“, „Зло за зло“, „Од глаата си патиме“, „Робот и агата“, „Срешта“ и др.

Македонска крвава свадба

„Македонска крвава свадба“ за првпат е поставена на сцена 1900 година. Инспирација за пишување на драмата е вистински настан, прочитан во весник.

Според жанрот таа е битово-социјална трагедија. Темата во драмата е љубовта на двајца млади (Цвета и Спасе), која не може да се оствари заради самоволието на турските владетели (Осман-бег). Идејата, пак, е да се прикаже тешкиот живот на македонскиот народ во последните години на турското владеење.

Композициски драмата е градена класично, во пет дејствија со: експозиција, заплет, кулминација, перипетија и расплет. Таа е драма на конфликтот (судирот).

Како битово-социјална, јасно е дека во драмата е прикажан начинот на живеење на Македонците и нивните обичаи. На нива се пеат жетварски и комитски песни, јазикот е народен испреплетен со народни поговорки, на свадбата ги имаме обичаите на земањето на невестата, исто така проследени со песна, потоа верувањето во сонови и нивното толкување. Во драмата е прикажан судирот меѓу доброто и злото, меѓу поробените и освојувачите, меѓу сиромашните и екслплоатирани селани и богатите паши и бегови кои се претерано самоволни.

Во 1929 година, Војдан Поп Георгиев отишол во посета на еден дом за сираци каде им подарил примероци од својата драма Македонска крвава свадба. По тој повод, Војдан изјавил:

Се надевам дека по прочитувањето на книгава секој питомец добро ќе го запомни прочитаното и никогаш не ќе го заборави јазикот на кој е напишана, јазикот на кој зборувале неговите прадедовци, родители и роднини и на кој ќе зборуваат и покрај физичкиот и морален терор на сегашните поробители на татковината Македонија, сите идни поколенија што ќе ја населуваат оваа света земја.