• 15.04.2021 09:38

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Главна тема на вториот ден од ЕУ самитот – соработката со НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, е гостин денеска на вториот ден од самитот на ЕУ, каде ќе се разговара за зајакнување на соработката помеѓу двете организации, како и за стабилноста на западниот Балкан, јави дописничката на МИА од Брисел.

Јенс Столтенберг и неговиот домаќин, Шарл Мишел, претседателот на Европскиот Совет, утрово пред почетокот на вториот ден од ЕУ самитот, посочија кои ќе бидат главните теми на дискусија денеска со лидерите на 27-те земји членки на ЕУ.

Со пристигнувањето на новата американска администрација, ЕУ се надева на подобра соработка со Северноатлантската алијанса и Северна Америка воопшто, порачаа двајцата челници.

-Сакаме повеќе стабилност и предвидливост во нашето најблиско опкружување, се соочуваме со нов вид на закани како кибер криминал, хибридни и дезинформации и треба да ја зајакнеме нашата отпорност и да ги адаптираме нашите алатки, изјави Шарл Мишел, посочувајќи ги “новите синергии” во областа на одбраната, дигитализацијата и вселенската индустрија.

Шефот на Северноатлантската алијанса потврди дека лидерите ќе разговараат за состојбата на западен Балкан и “справувањето со миграцијата”.

Столтенберг ја поздрави и соработката на воените и цивилните сили во борбата против пандемијата.

-За НАТО главна задача е да се осигури дека здравствената криза нема да се претвори во безбедносна криза затоа што заканите кои постоеја претходно сѐ уште постојат: агресивните дејствија на Русија, бруталниот тероризам, растот на Кина, безбедносните предизвици од климатските промени, тоа нема да го реши ни Европа сама, ни Северна Америка сама, туку заедно, изјави Столтенберг пред почетокот на состанокот.