• 11.04.2021 09:05

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Средношколците обвинуваат за притисоци од МОН за прекин на бојкотот

BySarissa Editor

Jan 28, 2021

Заканите и притисоците не ги колебаат матурантите, бојкотот на наставата продолжува. Лидерот на средношколскиот сојуз тврди дека на учениците им се закануваат со повторување на годината и бројни неоправдани изостаноци. 78 проценти од матурантите се вклучени во бојкотот тврди лидерот на сојузот и вели овој број ќе расте. Нивното барање е модифициран модел на државна матура со помалку предмети. Вакво олеснување добиле матурантите во Франција.

МОН не ги прифаќа барањата. Велат нивна законска обврска е да организираат полагање на државна матура за што до сега се пријавиле повеќе од 14.000 матуранти. Работат на нов концепт за полагање но тој ќе биде применлив од следната учебна година.

„Училиштата имаат законска обврска која треба да ја испочитуваат а се однесува на евиденција на часовите на кои не се појавил одреден ученик. Со оглед на осетливоста на возраста во која се наоѓаат матурантите, апелираме до родителите, наставниците, училиштата да внимаваат на притисоците кои се прават врз учениците за да се вклучат во бојкотот. Ги повикуваме учениците да се вклучат на настава бидејќи секој изгубен час е на директна нивна штета. “ велат од МОН.

Бојкотирањето на наставата зема замав и се одвива во 13 средни училишта во Скопје, како и во повеќе градови, како што се Тетово, Куманово, Гостивар, Кичево, Дебар, Струга, Охрид, Ресен, Битола, Прилеп, Крива Паланка, Свети Николе, Берово, Пехчево, Виница и Радовиш.

Но, министерката воопшто не ни размислува да го чуе ставот на матурантите и продолжува со закани преку директорите и професорите кои секојдневно ги уценуваат учениците, дека доколку продолжат со штрајкот – ќе бидат избркани од училиштата.

Поради ова, во некои градови како на пример Велес, матурантите воопшто не смееле да излезат поради огромните закани од професорите кои пак, се под голем притисок од директорите на средните училишта.

Но, учениците денеска рекоа дека не се плашат и и порачаа на министерката да престане со заканите и притисоците врз нив, затоа што односот професор-ученик веќе се претворил во закана-жртва, а односот професор-директор се претворил во жртва-закана.

-Учениците добиваат закани затоа што имаат легитимни барања, а од професорите бараат да им се закануваат на учениците кои бојкотираат. Една поговорка вели: Грешката на докторот завршува под земја, додека грешката на наставникот оди над земја. Доколку продолжите вака оваа земја ќе биде исполнета со грешки повеќе над земја отколку од под земја, истакнаа револтираните матуранти.

Од средношколскиот сојуз велат дека на потег се пратениците бидејќи до нив испратиле барање да отворат јавна дискусија по прашањето за државна матура.