• 03.08.2021 21:25

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Судството е на дното на доверба, единствено „позитивно“ е изедначување во недовербата кај Македоцните и кај Албанците

Околу 20 проценти од претставките кои ги добива Државната комисија за спречување на корупцијата од граѓаните се однесуваат на правосудството, нагласи претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

На отворањето на јавната дебата „Истражување и анализа на состојбите со корупцијата во правосудството“ во организација на ДКСК, Ивановска, порача дека потврда за ова се и резултатите од овогодинешното истражување на Балкански Барометар 2021 спроведено од Регионалниот совет за соработка каде е утврдено дека 81,1 процент од граѓаните сметаат дека судството е најкорумпирано.

– Ако е за утеха, овој процент е малку помал од претходната година. Истражувањето спроведено од Меѓународниот републикански институт – ИРИ во периодот март-април 2021 година, исто така забележа загрижувачки состојби во оваа област, што беше причина за организирање на оваа дебата, изјави Ивановска.

Заменичка директорка на програмата на Меѓународниот републикански институт – ИРИ за Македонија  Илина Мангова, посочи дека судството го следат во послендите пет-шест години и тоа континуирано се наоѓа на дното на довербата.

–    Само 23 проценти од граѓаните изразиле дека имаат доверба во правосудството, наспроти 76 проценти кои рекле дека немаат. Тоа значи дека три спрема еден од луѓето во Македонија што имаат недоверба во судството. Ова е континуирана состојба и растот е минимален, кој беше по потпишувањето на Договорот од Преспа и зголемените очекувања на граѓаните, изјави Мангова.

Последните години, посочи таа, како единствено позитивно нешто што според нас може да се забележи, е едно изедначување во недовербата и меѓу етничките Македоцни и етничките Албанци.

Секторот правосудство е издвоен и како посебен со многу висок ризик од корупцијата во Националата стратегија за борба против корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 на ДКСК.

Како приоритетни проблеми во секторот, во стратегијата се посочуваат: недоволно ефикасен систем за јакнење на интегритетот во судството и јавното обвинителство, недоволни материјални и кадровски ресурси, отсуство на автоматизиран систем за распределба и следење на предметите во јавното обвинителство и недоволна транспарентност во работата на Советот на јавните обвинители и недоволна ефикасност и транспарентност во работата на Државното правобранителство.