• 25.06.2021 08:58

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Три филма вечер на програмата на 11. Филозофски филмски фестивал

На 11. Филозофски филмски фестивал (ФФФ) денеска ќе бидат прикажани долгометражните филмови од официјалната селекција – „Атлантида“ – најдобриот филм на „Хоризонти“ во Венеција  и „Вдиши-издиши“, добитник на Гран-при од жирито во Шангај.

Проекцијата на „Атлантида“ на украинскиот режисер Валентин Васјанович е од 17 часот. Филмот  раскажува дискретна постапокалиптична приказна за животот на Сергеј, поранешен војник, во една алтернативна историја на Украина кога завршува една војна. Поствоената состојба во овој случај не носи радост и задоволство, бидејќи тоа што е останато е полошо и од самата војна, особено кога е во прашање малиот, обичен човек.

Победникот од Шангај, „Вдиши-издиши“ на грузискиот режисер Дито Ѕинѕадзе дава перспектива за предизвикот на живеењето во едно традиционално општество каде што не секогаш е лесно да се биде различен и секој кој е поинаков од другите може да се соочи со проблем или закана.

За овој филм „Hollywood Reporter“ ќе напише дека не постојат многу филмови кои целосно се нурнуваат во темните длабочини на човечките релации со храброста со која тоа го прави филмот на Дито Цинцадзе. Со исклучителен сензибилитет и маестрална префинетост грузискиот режисер ни ги опишува убиствените предрасуди на провинцискиот град упатени секому кој отстапува од воспоставените норми.

Во  соработка со Францускиот институт Скопје, во Ревијалната програма: филм – философија од 21 часот, во летното кино „Мирно лето“ (во дворот на Кинотеката) ќе биде прикажан  францускиот филмски класик „Бети Блу“ од 1980-тите години во режија на Жан-Жак Бенекс. Филмот е базиран на хит-новелата „37°2 изутрина“ на Филип Џиан, бил номиниран за БАФТА и Оскар за најдобар филм од странско говорно подрачјe во 1987 година.

Краток онлајн-вовед кон филмот ќе даде британскиот професор од областа на филмот и филозофијата Џон О’Меларка од Универзитетот  „Кингстон“ во Лондон, кој годинава е член на жирито во селекцијата на долгометражни филмови, а членува во редакцискиот одбор на светски познатото научно списание од оваа област „Film-Philosophy“.