• 04.08.2021 10:42

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Трпението води до спасение

Byurednik

Dec 23, 2020

Од каде наоѓа корени познатата изрека „трпение – спасение“?

Според духот на Христовото учење, оној, кој е поразумен и подуховен, во своето срце треба великодушно да простува, макар другиот и да не сака да слушне за помирување. Вистинскиот христијанин до крај треба да ги поднесува и трпи непријатностите, кои му доаѓаат од неговите непријатели. „Кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен“ – вели Спасителот (Матеј 24: 12), или пократко речено: трпение – спасение. Трогателен пример за трпение и простување ни дал Господ Исус Христос, Кој на Голгота, без никакво противење ги претрпе страшните страдања на Крстот и се помоли за Своите жестоки непријатели: „Оче, прости им, не знаат што прават!“ (Лука 23: 34). Така постапил светиот архиѓакон Стефан, кој, иако бил гаѓан со камења, се молел за своите убијци: „Господи, не примај им го ова за грев“ (Дела 7: 60). Така постапувале и светите отци, сите свети маченици, сите преподобни и светители. Во трпението и проштевањето сите тие го наоѓале краткиот пат до рајот. Токму за тоа ни оставиле и завет – и ние да постапувме како нив. Ако се скараме – да побрзаме да се помириме! Ако се спријателиме со непријателот, нашиот успех е двојен: и самите себе и некого сме го оттргнале од канџите на лукавиот. Ако не успееме да го придобиеме непријателот кон помирение, да не остануваме и ние во непријателски односи кон него, да не го мразиме, како тој што нè мрази, за да не биде двојна загубата – да не погине заедно со неговата и нашата душа. Во таков случај разумно е ние да му простиме. Така, ако тој веќе погинува доброволно, барем ние да не постанеме жртви на лукавиот. А, ако му простиме и го трпиме, тогаш нашето спасение е сигурно, зошто трпението не е мал подвиг. Според мудреците на духовното искуство, трпението е еднакво на мачеништвото. Затоа трпеливите и оние кои простуваат, макар и пред тоа многу да грешеле, ќе бидат исто како светите маченици, овенчани со нераспадливи венци. Светите отци , за да нè поттикнат кон трпение, нè учат, дека оние, кои нè фалат, се наши непријатели, а оние кои, нè навредуваат, се наши благодетели.

Оној, кој не брза да се гневи, а умее да трпи, тој ѝ е пријател и на душата, и на своето спасение. Оној, кој не се навредува веднаш, туку кротко исчекува и трпи, тој е смирен. А смирениот секогаш ја бара вината во себе за сè што му се случува, а никогаш во другите. Тој се согласува со оние што го напаѓаат и на таков начин, во сојуз со непријателот, брза и лесно го изгонува вистинскиот непријател од својата душа – гревот. Оној, кој започнува да се расправа со оние што го навредуваат, се поставува од страната на својот грев, го заштитува, и на таков начин го засилува во својата душа. Таквиот човек е горделив и тешко ќе може да се спаси.

Ако ние, ги трпиме оние што нè мразат, и ако постојано во себе ја бараме вината за лошите однесувања кон нас, а не во оние што нè мразат, тогаш ќе се спасиме.

Во кавги и спорови ние секогаш сметаме дека сме во право, а другите се виновни. Тоа е резултат на гордоста. А гордоста е најголемата пречка за смирување на душата. Кога никој не нè чепка, ние сме спокојни и се сметаме за многу добри, а кога некој ќе ни дофрли, се навредуваме, збеснуваме и сметаме дека другиот е виновен за нашиот гнев. Не, тој не е виновен за тоа! Виновни се нашите страсти кои во нас дремат, кои, додека не биле надразнувани спокојно спиеле, но, кои при прв повод го покажале своето осило. Оној, кој не навредил, не е виновен за тоа што ние сме толку горди, честољубиви и чувствителни, што и најмалата навреда не можеме да ја поднесеме. Фактот што навредувачот ѝ принесува дури и корист на една кротка, смирена душа, а само при горделивите е повод за грешење, многу јасно зборува дека тој не може да се смета за виновник за нашата злоба и омраза. Тој е само поводот за да бликнат во душата нашите скриени чувства. Оној, кој го раскршува мувлосаниот леб, што однатре целосно мувлосал, а однадвор го запазил убавиот лик, виновен ли е за мувлата во него? Ние со своите скриени страсти во градите, наликуваме на убави варосани гробници, кои однадвор се убави, а однатре исполнети со смрдеа! Ако сакаме да се поправиме во нашето однесување, според советите на светите отци, треба да се укоруваме сами себе, а не да се гневиме на другите. Побргу треба да му благодариме на оној брат, кој бил повод за да избувнат нашите страсти, бидејќи ни помогнал во себеспасителното спознавење, а не да му се лутиме.

Оној кој открил дека самиот е виновен за своите гревови, признавањето го води до покајание, покајанието до смирение, смирението до трпение, трпението до спасение.