• 04.08.2021 11:07

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Турција за санкциите од САД: Голема грешка, ќе возвратиме

Турција ја осуди како „голема грешка“ одлуката на Соединетите американски држави да воведат санкции против неа за набавка на рускиот ракетен систем С-400 и најави дека ќе му се одмазди на Вашингтон на начинот на кој смета дека е потребно, бидејќи повеќепати ги повикуваше САД со дијалог да го решат ова прашање.

Министерството за надворешни работи на Турција ги повика САД, сојузник на Анкара во НАТО, да ја сменат оваа „нефер одлука“, што може да им наштети на билатералните односи меѓу двете земји. Според Турција, одлуката за воведување санкции е „необјаснива“ откако Вашингтон постојано ја одбиваше понудата на Анкара за формирање заедничка работна група, пренесува Танјуг за Ројтерс. Санкциите, кои се дел од Законот за сузбивање на американските противници со санкции (CAATSA), се насочени кон Одбранбените индустрии на Турција (SSB), нивниот челник Исмаил Демир и уште тројца официјални лица. Санкциите вклучуваат забрана за добивање дозвола за извоз во САД, како и замрзнување на активата и ограничувањата на визите за директорот Демир и уште тројца вработени.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео преку соопштение истакна дека Одбранбените индустрии на Турција (SSB) свесно учествувале во значајна трансакција со „Рособоронекспорт“, главната руска агенција за извоз на оружје, за набавка на ракетниот систем С-400.

Една од првите држави кои реагираше во поддршка на Турција беше Иран, преку својот министер за надворешни работи на Иран, Мухамад Џевад Зариф, кој истакна дека Иран остро ги осудува едностраните санкции на Соединетите Американски Држави (САД) против Турција.

Зариф преку порака објавена на својот профил на Твитер реагираше на санкциите на САД против Турција, поради набавката на системот за противвоздушна одбрана С-400.

Министерот Зариф во објавата додавајќи фотографии на знамињата на Турција и Иран и како двете земји се ракуваат, рече дека со едностраните санкции кон Турција, САД уште еднаш го прекршиле меѓународното право.

Во својата порака, споделена со хаштагот „соседите ни се приоритет“, Зариф додаде:

„Силно ги осудуваме последните санкции на САД против Турција и ние стоиме покрај турскиот народ и Владата (во врска со санкциите).“