• 25.06.2021 12:40

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Укината регистрацијата на македонското здружение „Крсте Мисирков“ во грчкото Министерство за култура

Bysrs-editor

May 13, 2021

Пред три дена македонското движење за промоција на мајчиниот јазик „Крсте Мисирков“ доби регистрација како културна организација од грчкото Министерство за култура. Тоа се случи на 10 мај. Денеска Министерството за култура на Грција објави дека оваа процедура на регистрација била по автоматизам, но штом увиделе дека организацијата има проблеми со грчкото судство, решението за регистрација веднаш е повлечено.

Во образложението на Министерството за култура се вели дека движењето никогаш не учествувало во програмите на министерството ниту пак добило некакви пари од државни или европски фондови.

Инаку организацијата „Крсте Мисирков“ е од Воден и е судски регистрирана како движење за промоција на мајчиниот јазик и досега немало никакви проблеми со грчкото судство.

Целта на ова движење е да организираат часови по македонски јазик во што засега наидуваат на бројни пречки од општинските власти, па учењето на мајчиниот јазик го организираат или преку интернет или во приватни простории.

Оваа регистрација како културна организација вчера се толкуваше како уште еден мал чекор во борбата на Македонците од Грција за нивно признавање и добивање на основните човекови права како малцинство во матичната држава Грција.

Надежите на Македонците дека регистрацијата во Министерството за култура на Грција нема да предизвика посериозни реакции во грчката јавност веднаш спласнаа. Сега надежите се усмерени кон тоа барем судската регистрација на движењето „Крсте Мисирков“ да не се укине.