• 30.07.2021 13:46

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Хакери од Северна Кореја ја нападнале Pfizer, сакале да ја украдат технологијата за КОВИД вакцината

Северна Кореја се обиде да украде технологија за вакцината против COVID-19 на Pfizer, објави денеска новинската генција Yonhap, повикувајќи се на соопштение од јужнокорејското разузнавање.

Yonhap не нагласува кога се случил наводниот хакерски напад или дали бил успешен.

Минатата година севернокорејските хакери се обидоа да хакираат најмалку девет здравствени организации, вклучувајќи ги Johnson & Johnson, Novavax и AstraZenecа.

Јужнокорејската разузнавачка агенција соопшти дека ги спречила обидите на Северна Кореја да ги хакира јужнокорејските компании кои развиваат вакцини за коронавирус.

Овој вид на напад стана чест за време на пандемијата, а за тоа често се обвинува Северна Кореја.

Експертите сметаат дека целта на севернокорејските хакери е да ги продаваат податоците, а не да ги користат за развој на домашна вакцина.

Северна Кореја се очекува да прими скоро два милиони дози од вакцината на AstraZeneca преку програмата COVAX до првата половина од годинава.

Северна Кореја не потврди ниту еден случај на инфекција со коронавирус, но јужнокорејското разузнавање смета дека инфекцијата не може да се исклучи бидејќи земјата имала трговски и сообраќајни врски со Кина пред затворањето на границите на почетокот на 2020 година.