• 22.04.2021 01:11

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Хакерски напад врз Европската агенција за лекови, цел биле документи за вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“

BySarissa Editor

Dec 10, 2020

Европската агенција за лекови (ЕМА) се соочила со хакерски напад, а цел биле документите поврзани со вакцините против ковид-19. Од ЕМА не соопштуваат детали, освен тоа дека веднаш е започната истрага.

„ЕМА беше цел на кибер-напад. Агенцијата веднаш започна целосна истрага во соработка со органите на прогонот и сите надлежни институции. Додека истрагата е во тек, ЕМА не може да соопшти дополнителни детали“ – пишува во соопштението на веб-страницата на Агенцијата.

Се огласија и од компаниите „Бионтек“ и „Фајзер“, кои заеднички работеа на развивање на вакцина и поднесоа барање за одобрување до ЕМА. Во соопштението наведуваат дека биле информирани за хакерскиот напад и оти цел биле податоци кои се дел од документацијата поднесена за одобрување на вакцината. Од компаниите нагласуваат дека нивните системи не се погодени, како и оти немаат информации дека се пристапило до лични податоци за учесниците кои биле дел од студиите за испитување на вакцината.

Одобрувањето на нивната вакцина од Европската агенција, според најавите од претходно, се очекува да се случи до крајот на годинава. ЕМА, која ги контролира лековите на сите 27 земји-членки на ЕУ, треба да ја објави одлуката за одобрување на вакцината на „Фајзер/Бионтек“, која е веќе одобрена во Велика Британија, Бахреин и Канада, најдоцна до 29 декември.

Сајбер нападите врз здравствените установи се интензивираа за време на пандемијата, а разни хакери, од шпиони до криминалци, се обидуваат да дојдат до најновите сознанија за епидемијата. Агенциите претходно објавија дека хакери поврзани со Северна Кореја, Иран, Виетнам, Кина и Русија се обвинети за обид за кражба на информации за САРС-КоВ-2 и за можен третман на вирусот.