• 16.05.2021 19:43

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА! НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА! Денес православните христијани го празнуваат Велигден

Byurednik

May 1, 2021

Православните христијани со неизмерна  радост го дочекаа големиот христијански празник Велигден. На овој значаен  ден сите христијани  се присетуваат  на христовото жртвување за  спас на човештвото.

Нема поголема  радост и восхит од онаа кога се празнува животот. На Велигден се разгласува најрадосната вест за воскресението Христово. Самото тоа укажува  дека православната вера е создавана, темелена  врз радоста од христовото воскреснување, кое претставува светлина на светот и патоказ за животот низ вековите на човечката историја. Воскресението е радост за измачените, утеха за болните, поука за малодушните, сила и цврст темел за благоверните.

Воскресението претставува победа против непријателите, пораз и уништување на демоните, простување и разрешување на гревовите, сигурно пристаниште од бурата на искушенијата. На овој ден како што е познато, смртта е победена затоа што ја победи Оној кој има живот во себе. Од тој момент смртта не е повеќе закана, ниту причина за страв, таа претставува враќање кон  царството на Отецот небесен.

Христос ја победи смртта и со тоа ги отвори портите на рајот, портите на светлината  во кои сите влегуваат. Иако во светот се случуваат војни, немири и други несреќи, тоа не треба да не плаши и загрижува. Правдата и вистината се уште се распнуваат на крст, но преку крстот доаѓа радоста за целиот свет. На тој крст беше распнат и  мачен Спасителот.  Тој  се предаде Себе Си за живот на светот. Со неговата душа тој слезе во рајот за да ја ослободи човечката природа  од пропаѓање. Тоа го стори и се жртвува за ние да се исполниме со живот и  радост како што се исполни Тој, распнат на крстот.

Овој празник е суштината на христијанството, потврда на  верата  во Бога. На Велигден се слави победата на животот над смртта. Св апостол Павле рекол: „Ако Христос не воскреснеше, празна ќе беше нашата вера“.

Чествувањата на Велигден укажуваат и на тоа дека ризницата на нашето духовно и национално наследство е богата. Велигденските празнувања ја симболизираат верата и богатата македонска традиција кои опстојуваат со векови.

Нека се честити и вековити Велигденските празнувања .

Христос воскресна! Навистина воскресна!